-Подготвуваме национална стратегија за унапредување на третманот на пациентите со дијабетес и онколошки заболувања. Мора да креираме систем кој ќе следи и ќе дефинира, со цел навремено и долгорочно обезбедување на потребната терапија. Активно работиме и на проширување на позитивната листа и ажурирање на ценовникот, истакна министерот за здравство, Азир Алиу во дебатната емисија ,,24 анализа".
Тој најави дека на седница на Влада, денес се очекува да биде усвоена информација за дисперзирање на онколошката терапија во Клиничка болница Битола, заедно со клиничките болници во Штип и во Тетово. За таа цел, веќе е дефиниран и посебен протокол за аплицирање на терапијата.
-Здравството е комплексен систем со многу карактеристики и преку системски пристап работиме на креирање нова методологија за финансирање и буџетирање за да поставиме темели за пофункционален здравствен систем. Воедно, правиме компарација на состојбата кај нас и во соседството и со колегите од регионот, се разгледуваат правно можностите и правиме план како заеднички да може да отвориме постапка за набавка на иновативни терапии за онколошки пациенти, истакна министерот Алиу.