Со јавноста ја споделувам визијата за едно здравство кое нема повеќе да чека да реагира, туку ќе превенира, планира и ќе се подобрува секој ден, порача на денешната прва прес-конференција која ја одржа во Владата, министерот за здравство, Азир Алиу, притоа претставувајќи ги трите клучни насоки на реализацијата на оваа визија.
Министерот Алиу соопшти дека првата насока е спроведување на проектите од Програмата на Владата 2024–2028, најавувајќи дека ќе се направи јасна слика за актуелната состојба, ќе се прегледаат акциските планови, кои воедно ќе се реализираат со засилен и мерливинтензитет.
Решавање на наталожените проблеми од изминатите години. Проблеми што биле оставени, одложувани или влошени – секогаш на сметка на пациентите. Сега, тие нема веќе да се одложуваат – ќе се решаваат сорешителност“, рече министерот Алиу во однос на втората насока.
Воспоставувањето нова култура на стратешко и долгорочно планирање, ја најави како трета насока наполитиките на Министерството за здравство, во чиирамки ќе се стави акцент на националните стратегии како суштински документи, кои ќе бидат основа за изградба на одржлив, политички независен и стабилен здравственсистем, кој ќе служи на секој граѓанин со одговорност.
За да ги реализираме овие цели, градиме нов систем, базиран на пет силни столбови, кои ќе ја водат реформата и ќе го трансформираат здравството во поправеден,поефикасен и поблизок сервис до граѓанинот“, рече министерот за здравство Азир Алиу.
Тој најави дека првиот столб ќе биде воведување на стратешко планирање преку Национална мапа на здравствени потреби.
- Првпат градиме цела мапа на здравствените потреби по региони и општини, која ќе покаже каде недостигаат лекари, опрема, кадар или функционални центри. Одлуките за инвестиции ќе се базираат на факти, не на чувства или спонтани интервенции. Секоја нова болница, секоја набавка и здравствен центар ќе бидат дел од јасен и аргументиран план, појасни министерот Алиу.
Транспарентност и отчетност во здравствените услуги го опфаќаат вториот столб, со што ќе се воспостави платформа за следење на перформансите во здравствениот систем.
Секој граѓанин ќе има можност да види каде се третира побрзо, каде резултатите се најдобри и каде има потреба од унапредување. Повеќе нема да има бројки што се кријат по фиоки. Ќе има отворени, разбирливи и мерливи информации, во функција на континуирано подобрување“, рече министерот Алиу.
Професионалниот развој и зајакнувањето на човечките ресурси се најави како трет столб на новиот систем во здравството.
-Здравството не може да функционира без луѓето кои секојдневно го одржуваат неговото функционирање. Гозајакнуваме обучувањето на лекарите и медицинските сестри, ги квалификуваме директорите на болниците и јасно ги разграничуваме клиничките од менаџерските улоги, рече министерот Алиу, притоа порачувајќи дека ќе се бараат професионални стандарди и системи за акредитација кои гарантираат квалитет и одговорност во секоја јавна институција.
Најавувајќи напуштање на таканарешеното „слепото финансирање“, како четврт столб на системот министерот Алиу го претстави одржливото финансирање и превенцијата, притоа нагласувајќи дека болниците ќе бидат поддржани според популацијата што ја покриваат и резултатите што ги постигнуваат, а во реално време ќе се следат фондовите, лековите, договорите и донациите.
Воведуваме нови партнерства, ЕУ фондови и доброволно здравствено осигурување за да го направиме системот одржлив. Во таа насока, денес ја најавуваме националнатапрограма - "Порано, подобро – Превенцијата започнува со тебе“, рече министерот Алиу и појасни дека оваа програма е покана за грижа и одговорност за сопственото здравје.
Целата на оваа програма е откривање болести кои може навремено да се третираат и да се избегна сериозни компликации.
-Секој граѓанин над 40 години ќе има право на бесплатни здравствени прегледи, за рано откривање на дијабетес, хипертензија, срцеви и црно дробни заболувања.Превенцијата е најсилното оружје што го имаме – и сè започнува со едноставен чекор: грижата за себе, нагласи министерот за здравство, Азир Алиу.
Како централен, петти столб, на реформата на здравствениот систем тој ја најави дигитализацијата, односно во срцето на промената ќе биде технологијата.
-Градиме целосен систем на електронско здравство кој вклучува: електронска здравствена картичка, дигитални рецепти и упати, платформи што безбедно и ефикасно го поврзуваат пациентот со лекарот, рече министерот Алиу.
Тој најави и воведување меѓународни стандарди (SNOMED CT, HL7, CDA, IHE) како подготовка за интеграција со европската мрежа MyHealth@EU, притоа обезбедувајќи сигурност, пристап и еднаквост за секој граѓанин.
-Ние не градиме само модерен систем – туку здравство што размислува, што мери, што се грижи и што дејствува. Ова е наша заедничка мисија, порача на крајот од својата прва прес-конференција министерот за здравство Азир Алиу.