Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

МИНИСТЕР

Сашо Клековски

Сашо Клековски

Министер во Министерство за здравство на Република Северна Македонија

Роден на 13 април 1966 година во Скопје. Дипломирал на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Скопје и завршил МБА програма на Универзитетот „Американ колеџ" – Скопје (УАЦС). Оженет е со Ана и има две деца, Ангелина и Никола.

Поседува тридесетгодишно искуство како менаџер, аналитичар и консултант во јавниот, граѓанскиот и приватниот сектор.

Кон крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години бил прв човек на Сојузот на студентите по медицина на Македонија и на Сојузот на студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј".

Во 1993 година е еден од основачите, а од 1994 до 2011 година извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС). Од 1998 до 2008 година раководел на Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), а од 2017 до 2026 година е претседавач на Одборот на старатели на МРФП.

Од јули 2024 до јули 2026 година бил директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ).

Основач и член на органи на повеќе граѓански организации. Бил прв ко-претседател на Заедничкиот консултативен комитет на граѓанското општество меѓу Европската Унија и Република Македонија (2007–2010) и предавач по Претприемнички финансии на МБА студиите на УАЦС (2013–2016). Член е на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од 2022 до 2026 година, а сега е претседател на Комисијата за здравство.

Во јавниот сектор учествувал во подготовката на клучни национални стратегии, меѓу кои првата Стратегија за соработка на Владата со граѓанскиот сектор (2007–2011) и првата Државна програма за превенција и репресија на корупцијата (2007–2011), како и во јакнењето на капацитетите на Народниот правобранител и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Во приватниот сектор работел на стратешки анализи, меѓу кои Индексот за бирократија (2020–2021), а бил и консултант за реструктурирање.

Има работно искуство и надвор од Македонија, на Балканот, поранешен СССР и во ЕУ.

Автор е на повеќе истражувачки извештаи, книги и написи. Бил колумнист во „Нова Македонија" (2012–2024).

Мени за пристапност