Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

EU4Health - новата европска траекторија на здравството

EU4Health - новата европска траекторија на здравството

Во повеќе европски земји, JACARDI покажува како EU4Health се претвора од европска програма во практична здравствена промена. JACARDI е заедничка акција на Европската Унија(ЕУ) за кардиоваскуларни болести и дијабетес, финансирана преку EU4Health, која во себе вмрежува институции, експерти и здравствени системи околу целата да се постигне помал товар од инфаркти, мозочни удари и дијабетес, подобра превенција, порано откривање и поорганизирана грижа за пациентот. Во рамките на оваа иницијатива се спроведуваат 143 пилот-проекти во 18 европски земји, опфаќајќи здравствена писменост, квалитет на здравствени податоци, скрининг на ризични групи, интегрирани патеки за лекување, самоуправување со болести и поддршка за луѓето со хронични заболувања да останат активни на пазарот на труд. Низ овој пример се согледува вистинската вредност на EU4Health, односно европските средства прераснуваат во конкретна организација на грижа, знаење и подобар исход за пациентите.

 

Ваквите примери се важни затоа што ја симнуваат европската интеграција од јазикот на политичката декларативност и реторика и ја внесуваат во просторот каде што граѓаните најдиректно ја чувствуваат државата: болницата, амбулантата, домот, семејството. Кога ЕУ финансира подобра превенција, подобри податоци и подобра координација, не зборуваме за далечна институционална адреса, туку за можност за практична поддршка за пациентите и здравствените работници. Затоа таму се развиваат модели за здравствена писменост, самоследење, координација меѓу здравствените даватели и структуриран follow-up по отпуст од болниците. На овој начин вредностите на ЕУ се преведуваат во секојдневна сигурност: пациентот да знае што следи, лекарот да има подобри податоци, системот да не реагира доцна, а семејството да не биде оставено само. Преку EU4Health, 11 проекти со речиси 62 милиони евра поддршка работат токму на вакви решенија за намалување на товарот од мозочниот удар, преку скрининг, рано откривање, дигитални алатки, вештачка интелигенција, интегрирани патеки на грижа и подобра координација на системите. Ова е суштината на EU4Health, односно можност здравството да влезе во повисок системски ред на работа, дефинира со повеќе знаење, стандарди, конкуренција, партнерства и поисок степен на одговорност.

 

Со потпишувањето на договорот за учество во EU4Health, нашата држава добива пристап до најголемата здравствена програма на ЕУ. Оваа програма има оперативен буџет од 4,4 милијарди евра за периодот 2021–2027. Важно  да се нагласи дека овие средства не се автоматски доделени на нашата држава. Тоа значи дека нашите институции, јавни и приватни здравствени субјекти, академската заедница, стручните организации и пошироката здравствена заедница добиваат можност да учествуваат во европски повици, директни грантови, заеднички акции и партнерства, под исти правила и со иста проектна дисциплина како и другите учесници во програмата.

 

Постои и важна разлика, а тоа е дека овие средства не претставуваат награда за реторика, нивната достапност и ефектуирање ќе зависат од нашата подготвеност и развиени капацитети. Потребни ќе бидат квалитетни проекти, јасни индикатори, партнерства, институционална координација и способност идејата да се претвори во мерлив резултат.

 

Затоа за мене влегувањето во EU4Health не го доживувам како административен успех, туку европска потврда дека реформите што ги започнавме имаат правец, кредибилитет и институционална логика. Договорот доаѓа во важен момент. Речиси една година по преземањето на одговорноста за здравствениот систем, можеме да кажеме дека најголемиот резултат не е само во поединечните одлуки, туку во насоката што ја поставивме. Здравството излегува од повеќегодишната логиката на дневно гаснење „пожари“ и влегува во системска и самоодржлива логика на податоци, дигитализација, превенција, кадровско планирање, квалитет, транспарентност и европски стандарди.

 

Потписот во Брисел затоа не е крајна точка, тој е доказ дека првата година не беше изгубено време, туку година на поставување темели. Во политиката понекогаш најважните резултати не се најгласните, не секогаш доаѓаат со големи зборови, туку со момент кога една институција конечно се поставува на вистинска траекторија. EU4Health е токму таков момент, силна потврда дека здравството може да се движи кон ЕУ како систем.

 

Во контекст на  EU4Health нашите приоритети се дефинирани. Дигитално здравство и здравствени податоци. Превенција и скрининг. Онкологија и кардиоваскуларно здравје. Ментално здравје, особено кај младите. Подготвеност за здравствени кризи. Достапност на лекови и медицински производи. Јакнење на здравствениот кадар. Подобро управување, подобра регулација и подобри услуги за граѓаните. Ова се теми што ја одредуваат разликата меѓу систем кој чека проблемот да стане криза и систем кој знае да превенира.

 

EU4Health ни отвора врата и кон европски мрежи, што значи дека нашите клиники, институти, факултети, стручни здруженија и пациентски организации можат да станат дел од пошироки конзорциуми, да учат од веќе проверени европски модели, да прифаќаат и адаптираат добри практики, како и да градат капацитети што не се затвораат во национални рамки. Во современото здравство, изолацијата е скапа работа. Знаењето се движи брзо, технологијата се менува брзо, ризиците не познаваат национално дефинирани граници. Затоа и одговорот треба да биде европски, поврзан и координиран.

 

Процедурата за аплицирање е прецизно поставена, но бара знаење и институционална сериозност. Повиците се објавуваат преку HaDEA и преку EU Funding & Tenders Portal. За секој повик, годишната работна програма ги дефинира целите, подобните апликанти, активностите, очекуваните резултати и условите. Организациите што сакаат да аплицираат мора прво да се регистрираат во Participant Register, а преку порталот можат да бараат и проектни партнери. Апликациите се оценуваат од HaDEA и Европската комисија, со можност за вклучување надворешни експерти. Основната стапка на кофинансирање е до 60 отсто, а во одредени случаи од исклучителна корист може да достигне до 80 отсто.

 

Ова значи дека нашата задача почнува сега. Државата мора да биде организатор, координатор и двигател. Министерството за здравство ќе има обврска да ја доближи програмата до сите потенцијални корисници: универзитети, медицински факултети, клиники, болници, институти, професионални здруженија, пациентски организации и релевантни партнери. Нема да дозволиме оваа европска можност да остане само како информација пласирана во јавноста, таа во следниот период ќе прерасне во работна агенда, проектен календар и институционална мобилизација.

 

Особено важно за нашиот здравствен систем е што EU4Health не финансира само инфраструктура или изолирани активности. Програмата поддржува системска трансформација. Европската комисија ја поставува програмата како инструмент за посилни, поотпорни и подостапни здравствени системи, со фокус на кризни закани, превенција, рак, дигитализација, лекови, здравствен кадар и европска здравствена унија.  Затоа оваа програма ја разбирам и како тест на нашата зрелост и подготвеност за добри проекти, партнерства, тест за нашите капацитет да работиме со европски рокови, индикатори и стандарди.

 

Поради овие високо кренати европски очекувања за нашиот здравствен систем, веќе со силна динамика влегуваме во следната фаза  на претворање на европскиот пристап во домашна институционална култура.  Претстои период на апликации, партнерства, проекти и видливи придобивки од EU4Health за нашите граѓани.

 

На крајот, EU4Health е политичка, институционална и цивилизациска порака дека нашето здравство ја напушта позицијата на набљудувач и влегува во просторот каде што се создаваат европските здравствени решенија. Ова е почеток на нова обврска, во која европскиот пристап ќе стане домашна пракса, а реформите ќе се мерат низ европска диоптрија. Насоката е поставена, здравството повеќе не гледа кон ЕУ до страна, туку чекори внатре во европскиот систем на знаење, стандарди и одговорност.

Мени за пристапност