Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Телемедицина - моментот кога државата се движи кон пациентот

Телемедицина - моментот кога државата се движи кон пациентот

Светската здравствена организација(СЗО) во 2024 година соопшти дека телемедицината носи пократко чекање, подобро следење на здравствените состојби, пониски трошоци и поголема достапност на услугите. Оваа изнесена оценка не беше насочена кон означување на некоја далечна иднина,  нејзината интенција беше да се постави правецот во кој се очекува да се движи развојот на сериозните здравствени системи.  Притоа, СЗО додава дека дигиталното здравство треба да поддржува еднаков и универзален пристап до квалитетни услуги,  што имплицира телемедицината да не ја доживуваме како израз на технолошка мода, туку на нова организација на здравствената правда.

 

 

Поради тоа разбирањето на телемедицината никогаш не може да се редуцира само на инсталирана и софтверски поврзана мрежа од екрани и  камери. Дел од нејзината суштинска природа се состои и во тоа дали државата има волја да ја намали тежината што предолго ја носи пациентот движејќи се низ здравствениот систем. Во нашето здравство, пречесто првиот доказ дека системот не е доволно добро организиран не е медицинскиот наод, туку патувањето од една точка до друга за задоволување на одредена потреба поврзана со здравјето. Кажано на едноставен начин, оваа тежина се изразува по часови и денови изгубени по автобуси, чекални, во потребата одредени семејства да го приспособат својот ритам на терминот во кој некој член треба да оди на преглед. Не ни е непознато и искуството човек да троши повеќе време за да дојде до одредена здравствена услуга отколку што трае самиот преглед.

 

 

Во тој контекст, успешниот пилот-проект на релација Дебар–Скопје–Делчево има значење кое го надминува техничкиот формат на неговата изведба. Тој воспоставува врска меѓу три точки на системот, преку која пациентите со кожни заболувања од Дебар и Делчево можат да добијат стручна дијагноза и препорака од специјалисти од Клиниката за дерматологија во Скопје без потреба од физичко присуство. Паралелно се во тек процеси на дополнително развивање на техничката инфраструктура, обука на медицинскиот персонал и воспоставување на протоколи за квалитет и безбедност на услугата. Дополнителна тежина на овој модел му даваат и меѓународните искуства, кои покажуваат дека теледерматологијата има висока ефикасност од 60 до 90 отсто точност во поставување дијагноза, од 80 до 90 отсто точност во ординирање терапија, давање совети и медицинска едукација, како и дури 98 отсто точност во проценката дали пациентот треба да биде упатен на повисоко ниво и колкава е ургентноста за тоа. На тој начин, телемедицината престанува да биде апстрактна идеја и станува реална здравствена пракса што го скратува чекањето, ги намалува трошоците за патување и го намалува притисокот врз установите во главниот град.

 

 

Идејата не ни е да покажеме дека одредена врска функционира, напротив, нашата амбиција е да демонстрираме дека и кај нас може да се постави поинаква логика од онаа на која сме научени да функционираме – медицинското знаење да се движи кон пациентот, наместо пациентот секогаш да биде тој што се движи кон знаењето. Станува збор за суштинска разлика, која во себе содржи потентна реформска димензија на трансформирање на дел од нашиот систем .

 

 

Овој пилот покажа нешто што долго време не смеевме доволно искрено да си го кажеме и признаеме: не секој медицински проблем бара патување, а не секоја здравствена услуга мора да биде фиксирана за физичко присуство на едно исто место. Има состојби, контроли, консултации и втори мислења каде што највредното нешто не е самото физичко пристигнување до објектот каде услугата се добива, туку и навремениот пристап до знаење. Ако знаењето може да стигне до човекот побрзо, поорганизирано и поблиску, тогаш обврска на институциите е да го направат токму тоа.

 

 

Всушност, на овој начин најјасно може да се согледа и смислата која дигитализацијата може да ја внесе во реалниот живот на пациентите. Телемедицината ги разбива бирократските ѕидини и административните формулари, ја ослободува дигитализацијата од опасноста да биде заробена во технички термини и внатрешни самоодржливи системи на статус квото. Се создава општествена атмосфера во која дигитализацијата ќе се претвори во пократок пат до лекар, во помалку изгубено време, во побрз пристап до специјалист и во помалку институционален замор.Телемедицината е една од највидливите форми во кои пациентот непосредно ги чувствува предностите од дигиталната трансформација на здравството.

 

Телемедицината не ја гледам како споредна гранка на една поширока дигитална агенда, напротив, во неа го препознавам нејзиното најчовечко лице. Или, таму каде што дигитализацијата е инфраструктура, телемедицината е нејзината реална или искуствена последица. Каде што системот гради нови алатки, телемедицината е моментот кога тие алатки добиваат смисла во животот на конкретен човек. Нема појасен доказ дека една реформа е вистинска од тоа кога граѓанинот ќе рече „денес ми беше полесно.“

 

Токму за тоа СЗО со оваа тема се занимава како дел од поширокото градење поефикасни, поодржливи и поправедни здравствени системи. Во нивната стратешка визија, дигиталното здравство не е цел сама по себе, тоа се поставува како средство кое треба да обезбеди поквалитетна, подостапна и поправедна здравствена грижа. Ова е важна лекција и за нас -  технологијата нема вредност ако не создава поголема блискост(физича и вредносна) меѓу системот и човекот.

 

Проширувањето на телемедицината и во други градови, затоа, не треба да се разбере како техничко ширење на една услуга, туку како ширење на нова култура на здравствена грижа. OECD во 2025 година забележа дека телемедицината од пандемиска нужност сè повеќе прераснува во столб на современите здравствени системи и дека нејзината иднина зависи од тоа дали ќе биде вградена во секојдневната грижа, со еднаков пристап, одржливо финансирање и паметно користење на податоците. Тоа е важна порака и за нас: местото на живеење не смее да биде казна за пациентот, а локалната здравствена установа не смее да остане осамена периферија на системот.

 

Особено важен е и следниот чекор, со кој се планира телемедицината да ја опфати и психијатријата, со што таа добива аспект и да подлабоко цивилизациско прашање. Менталното здравје предолго се туркана работ на јавните политики - меѓу стигмата, недостапноста и молкот. Кога на тоа ќе се додаде и далечината, тогаш системот станува уште потежок за оние на кои им е најпотребен да им помогне. Американската психијатриска асоцијација денес вели дека телепсихијатријата е валидирана и ефикасна медицинска практика која го зголемува пристапот до грижа, а притоа се потпира и на силна база на докази за подобри исходи и повисоко задоволство кај пациентите. Тоа покажува дека вклучувањето на психијатријата во следната е логичен чекор за развојот на современото здравство во нашата држава.

 

Секако, никој сериозен не тврди дека телемедицината е замена за сè. Не секоја состојба може да се следи од далечина, не секоја клиничка проценка смее да се прави преку екран, ниту пак секој контакт меѓу лекарот и пациентот треба да се дигитализира. Базичната идејата е таму каде што знаењето може да патува без да се намали квалитетот на грижата, пациентот не смее да остане единствениот што секогаш мора да патува. Затоа развојот на телемедицината е  политичка одлука државата да стане поблиска, поправедна и поразумна.

 

На крајот, мерката успехот на оваа реформа ќе се мери по тоа колку време сме им вратиле на луѓето, колку непотребни патувања сме спречиле, колку навремени консултации сме овозможиле и колку сме ја намалиле неправдата што ја создава географската одалеченост. Во спротивност, ако дигитализацијата не може да се почувствува во секојдневието на пациентот, тогаш таа ќе остане само технички јазик на институциите.

Мени за пристапност