Министерот за здравство, Азир Алиу ја посети Клиниката за неврологија, каде беше организиран отворен ден по повод одбележување на Светскиот ден на мозочен удар - 29 октомври.
Во рамки на акцијата граѓаните имаа можност да извршат превентивен преглед и да добијат стручен совет за главните ризик факторите кои можат да доведат до мозочен удар, како што се покачен крвен притисок, шеќер во крв, зголемени масти, пушење и седечки начин на живот.
-Здравствениот систем не го гледаме само како систем за лекување, туку и како систем за превенција и затоа деновите посветени на превентивни прегледи се многу важни за побрзо препознавање на симптомите на мозочен удар и поздрав начин на живеење и исхрана. Денеска сум фасциниран од инфраструктурата внатре на Клиниката за неврологија и активностите кои ги има директорот, бидејќи за кратко време успеа да се организира настанот и да се реорганизираат внатрешните процеси за да може да се оптимизираат услугите, посочи при посетата министерот Алиу.
Директорот на Клиниката за неврологија, д-р Јован Божиновски информираше дека сите пациенти во рамки на денешниот ден ќе бидат прегледани на новиот доплер на каротидни артерии, оваа активност е во соработка и со Македонското невролошко здружение.
-Денешниот отворен ден има едукативна цел, односно подигнување на јавната свест за мозочниот удар како болест која е една од најчестите по инциденца и причина за смрт, но исто така е и болест број еден во светот за инвалидитет, па и кај нас. Задоволство ми е што има навистина голем одѕив. Во таа насока Клиниката за неврологија има обврска да го едуцира населението за мозочниот удар, за најчестите симптоми и третман, рече д-р Божиновски.
Годинешното мотото за одбележување на овој ден е „Мозочниот удар се лекува“.