Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Алиу: До интерната комисија доставени се медицински досиеја за 8 случаи, процесот го водиме објективно и транспарентно

Алиу: До интерната комисија доставени се медицински досиеја за 8 случаи, процесот го водиме објективно и транспарентно
Во продолжение е интегрален текст од денешната прес конференција на министерот за здравство, Азир Алиу. 
 
Почитувани претставници на медиумите, почитувани граѓани,
 
Пред неколку недели јавноста беше вознемирена од информации за можни неправилности поврзани со дел од кардиохируршките интервенции што се изведувале во здравствениот систем во нашата држава. Како Министерство за здравство веднаш постапивме и ја иформиравме јавноста за креирање интерна комисија составена од медицински експерти, правници и економисти. Нејзината задача е да ги утврди фактите и да постапува врз основа на медицински докази, според највисоки меѓународни стандарди и прецизни методолошки правила.
 
Сакам да ве информирам дека до Интерната комисија се доставени медицински досиеја за осум случаи. Комисијата ќе ги обработи сите детално, со цел да се утврди вистината врз основа на медицински факти.
 
Комисијата утре ќе се состане и овие досиеја ќе бидат првите случаи по кои ќе постапува.
 
Воедно, Министерството за здравство побара вонреден стручен надзор од Лекарската комора кој ќе биде во тек наредните денови .
 
Граѓаните сакаат и треба да бидат сигурни дека кога бараат здравствена услуга, ја добиваат врз основа на реална потреба и медицински докази, а не врз основа на паушални оценки или коруптивни мотиви.
 
 Процесот кој започна е терапија за здравствениот систем за да се врати довербата во него. Терапија што започнува со кардиолошките и кардиоваскуларните интервенции, но нема да застане тука - ќе се прошири кон сите сегменти на здравството, затоа што секоја област мора да биде заснована врз стручност, медицински докази и почит кон пациентите. Знаеме дека довербата не се враќа преку ноќ - чекор по чекор, докажуваме дека здравството е на страната на граѓаните и дека нема враќање назад!
 
Никој нема да биде заштитен, ниту од јавното, ниту од приватното здравство, ако се докаже дека бил вклучен во извршување интервенции за кои не постои медицинска оправданост. Во исто време, никој нема да биде стигматизиран без докази.
 
Отпочнат е чувствителен, но неопходен процес. Ќе го водиме објективно, стручно и транспарентно, нема да има компромиси со било кои очекувања или интереси, на крајот фактите и доказите се тие кои ќе зборуваат.

Мени за пристапност