Министерот за здравство, Азир Алиу на денешната прес-конференција го промовираше новиот модул за електронска евиденција на здравствените прегледи во областа на медицина на труд. Модулот е изработен од Управата за електронско здравство, во соработка со Институт за медицина на труд и Здружението на лекари специјалисти по медицина на труд.
– Модулот овозможува електронска евиденција на здравствени прегледи кои досега се спроведуваа исклучиво на хартија, со што се прави значителен исчекор кон целосна дигитализација на здравствените услуги во оваа област. Овој модул претставува значаен напредок во дигитализацијата и модернизација на здравствените системи, кој носи конкретни придобивки за сите граѓани, работодавачи и здравствени работници во нашата држава. Во системот електронски се евидентираат здравствените прегледи за општа здравствена способност, за засновање работен однос, за здравствена и психофизичка способност за управување со моторно возило, трактор и работна машина, како и прегледи за здравствена состојба за поседување и носење оружје, посочи министерот Алиу.
Драгана Бислимовска од Институтот за медицина на трудот информираше дека станува збор за прва електронска евиденција од ваков тип во националниот систем Мој термин, со која се овозможува електронски запис за издавање лекарски уверенија и следење анализи и податоци во реално време.
-На овој начин, конечно ќе се овозможи интегрирање на дејноста медицина на труд во системот Мој термин преку регистрација на извршените здравствени прегледи, со што ќе се овозможи видливост и следење на нашите активности од областа на медицина на трудот. Посебно е значајно што нас како лекари специјалисти по медицина на труд ни се овозможува пристап до здравствените податоци за секое лице, псочи д-р Бислимовска
Жаклина Чагороска од Националниот електронски систем Мој термин информираше дека сите прегледи се вршат исклучиво во овластени здравствени установи, каде што лекарите се идентификуваат преку своја професионална лиценца или факсимил.
-Со секој преглед, автоматски се креира посебен здравствен картон за овој тип на евиденција. Понатаму, системот автоматски генерира лекарски извештај, кој содржи медицинско мислење, идентификувани состојби, препораки за вработениот и работодавачот, како и оценка на работната способност, рече Чагороска.
Процесот на дигитализација ќе продолжи во следниот период со креирање портал за работодавците преку е-услуги за иницирање прегледи на вработените, интеграција во здравствените досиеја и прикажување во апликацијата Мое здравје, како и целосна дигитализација на документите и поврзување со институции преку интероперабилност, особено со Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за вработување.