Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Архитектура на довербата во здравството

Архитектура на довербата во здравството

Кога човек доаѓа од светот на информатиката, првата навика што ја носи со себе е едноставна,  а тоа дека не верува во „отприлика“. Во кодот, “отприлика” без правила и мерење е баг, во системите тој е извор на егзистенцијален ризик, додека пак во здравството може да значи изгубено време, изгубена доверба и во крајни случаи, изгубен живот.

Затоа, кога пред шест месеци ја презедов одговорноста да го водам Министерството за здравство, знаев дека ќе бидам соочен со големи очекувања, но уште повеќе знаев дека ќе бидам соочен со реалност што не трпи импровизација и нејасни одредници, како што е „отприлика“.

Проблемите во здравството не се тема која може да се реши со убаво изговорени зборови и затоа во месеците кои се зад мене еден од најважните чекори беше да престанеме да си раскажуваме приказни за системот и да почнеме да ја гледаме неговата вистинска слика. Многу често сме навикнати да бидеме во една пасивна позиција на неми набљудувачи кои очекуваат дека работите сами од себе ќе се менуваат, односно дека „некако ќе биде“. Но ова исчекување играта на случајот да го донесе посакуваниот резултат  во здравството едноставно не смее да постои, затоа што секоја одложена одлука, секој непрецизен процес и секоја импровизација имаат име и презиме.

И кога ќе влезете во системот одвнатре, кога ќе го видите одблиску, тогаш „апстрактниот проблем“ престанува да биде апстрактен, тој  станува лична приказна на конкретен човек - тоа е лекар што работи под притисок, сестра што неприканато работи во три смени, пациент што чека, семејство што прашува „што сега?“, човек што се плаши и бара сигурност. И тогаш сфаќаш дека здравството не е само институционална архитектура, туку заеднички договор за грижа, договор што мора да функционира токму тогаш кога најмногу ни треба.

Токму од таа човечка вистина произлезе и мојот прв избор - наместо да барам „брзи“ впечатоци, да поставам основа што ќе го држи системот стабилен и кога е најтешко.  Јас мислам дека без податоци и јасни процеси, системот секогаш ќе реагира предоцна, затоа и започнавме со инженерски пристап на мапирање, индикатори, податоци, процеси. Можеби ова звучи технички, но суштината е многу човечка, ако не знаеш каде точно ти недостига кадар, како ќе обезбедиш навремена услуга? Ако не знаеш кој капацитет каде е опремен и во каква состојба, како ќе планираш инвестиции што навистина решаваат проблеми? Ако нема следливост, како ќе ја заштитиш правдата во системот?

И за да не остане тоа само принцип или намера, уште во 2025 година ја поставивме првата голема „почетна линија“ на која може да се гради секоја следна реформа. Затоа за мене една од најважните основи што ја поставивме во 2025 година е тоа што денес, за првпат, имаме целосна база на човечки ресурси. Конечно знаеме каде недостига кадар, каде има преоптоварување, каде се потребни нови профили и каде организацијата мора да се подобри.. Ова е основа за праведност на здравствениот систем, затоа што кога имате јасна слика, можете да правите фер распределба, можете да планирате, можете да ги заштитите и пациентите и здравствените работници од хаосот што се создава кога системот „работи на памет“. Следниот чекор, а тоа е процес кој веќе го заокружуваме, е дигитална слика за инфраструктурата и опремата. Затоа што без податоци нема паметно планирање, а без планирање нема квалитет.  Овде се разоткрива и една од најголемите заблуди кои сме си ги дозволиле како држава, а тоа е дека квалитетот доаѓа како последица на „желба“, а не како резултат на метод, на стандарден процес кој е повторлив и проверлив

Како министер дигитализацијата ја третирам како алатка за фер и еднакво пристап, а не како цел сама по себе.  Во распарчен систем, најлесно се снаоѓа оној што има време, нерви, познанства и информации, а здравството не смее да биде игра на снаоѓање. Здравството мора да биде услуга што има јасна патека, прецизни правила и идентификувана одговорност. Затоа почнавме да градиме единствена мрежа на дигитално здравство, да ги поврземе регистрите на здравствените работници и установи, да ја подобриме интероперабилноста меѓу јавните и приватните капацитети, да воведеме стандарди што создаваат заеднички „јазик“ на системот, да ја зајакнеме размената на податоци меѓу институциите и да поставиме алатки што ја зголемуваат следливоста и ја намалуваат сивата зона. Кога процесите се дигитални и проверливи, „врските“ ја губат моќта, а граѓанинот добива фер третман. Тоа е суштината и затоа на дигитализацијата не треба да се гледа како на техничка тема, туку како начин да ја вратиме довербата дека системот е еднаков кон сите.

Паралелно, започнавме со уште една промена што долго се одложуваше, тоа е темелно преуредување на законската рамка, односно на оперативниот систем(софтверот) на здравствените институции(хардверот). Ако оперативниот систем е стар, полн со багови и неконзистентен, тогаш и најдобриот кадар ќе работи во услови на несигурност, а пациентот ќе се соочи со непредвидливост. Затоа во 2025 година започнавме со процес на измени на 12 законски решенија и изработка на две сосем нови закони. Оваа законска реформа ќе значи професионализирано управување, транспарентни процедури, јасни надлежности, поголема контрола и посилни механизми на одговорност.

Но ниту една реформа не е вистинска ако не се види и почувствува таму каде што животот се спасува, односно во клиниките, болниците, операционите сали, на интензивната нега. Затоа во 2025 година направивме пресврт во инфраструктурата и медицинската опрема. КАРИЛ се реконструира првпат по 40 години, десет операциони сали во УКЦ се реновираат по принцип „клуч на рака“, што значи нови стандарди на стерилност, безбедност и функционалност. Паралелно, работиме на реновирање болнички соби и подобрување на условите во болниците низ целата држава и подготвуваме технички проекти за нови капацитети, поликлиники и амбуланти во соработка со општините.  Сите овие проекти се насочени кон тоа пациентот да се чувствува дека влегува во уреден простор на сигурност и грижа, а здравствените работници да имаат услови што го почитуваат нивниот труд и професионалност.

Во делот на медицинската опрема, 2025 година беше година на конкретни инвестиции што спасуваат животи и ја зголемуваат способноста на јавниот систем. Во повеќе болници се инсталираа системи за медицински гасови и компримиран воздух, што е основен предуслов за хирургијата и интензивната нега. Во тек се набавки на современа неврохируршка опрема која ја подигнува прецизноста и можностите за најсложените интервенции. Кога зборуваме за опрема, зборуваме за секунди во итна состојба, за прецизност во операција, за помал ризик од компликации. Зборуваме за тоа да не мора секој тежок случај да значи патување и дополнителен стрес за пациентот и семејството. И тоа е дел од нашата суштинска цел современата медицина да престане да биде привилегија, туку да стане реалност во јавното здравство.

Токму тука ја гледам и најсилната човечка порака од 2025 година, почнавме да гледаме резултати што не се мерат само со бројки, туку со животни приказни. За првпат се изврши трансплантација на рожница со 9 успешни интервенции. Направени се трансплантации на коска кај деца, воведени се нови високо-софистицирани зафати во повеќе клиники со меѓународна соработка и стандарди. Овие интервенции не се изолирани успеси,  тие се сигнал дека ако системот има опрема,  процес, тимска дисциплина и современо знаење, тогаш може да се обезбедат најсложени здравствени услуги и дома, во нашата држава. Станува збор за момент во кој граѓанинот престанува да се чувствува оставен сам и почнува да верува дека државата може да биде партнер во најтешките моменти.

Кога зборуваме за 2026 година, мојата цел останува едноставна, човечка и проверлива, а тоа е граѓанинот да почувствува дека системот е на негова страна. Тоа значи болниците да имаат подобри услови, лекарите и сестрите да имаат опрема и поддршка, а граѓанинот да има пократок и предвидлив пат до услуга, со јасни правила и минимален број чекори. Значи помалку шетање, помалку нервоза, помалку врати, а повеќе правила и фер третман. Во 2026 ќе инвестираме таму каде што најмногу недостига и каде што најбрзо се спасува живот. Ќе продолжиме со дигитални решенија што ја олеснуваат секојдневната работа на здравствените тимови и ја кратат бирократската тежина. Ќе ги финализираме започнатите законски реформи и ќе излеземе јасно пред јавноста со тоа што точно се менува и зошто. И секој чекор ќе го мериме со резултати, затоа што здравството мора да биде сигурна услуга, а не постојана борба.

Но, сакам да бидам искрен, најважните процеси што ги започнавме нема да завршат во 2026 година. Зошто? Затоа што преминот од реактивно кон проактивно здравство бара развојна траекторија која е долга, а тоа е така затоа  што целта е да изградиме систем кој ќе функционира кога нема да има медиумско внимание, кога нема да има притисок и кога е „тивко“,  односно систем со стабилни перформанси независно од надворешен притисок, систем што нема да зависи од едно име, туку од правила и култура.

Мојата лична амбиција и мојата одговорност како министер е да поставиме архитектура што ќе овозможи секоја година да биде подобра од претходната и секој пациент да почувствува дека зад него стои систем, а не случајност.

Пишува

Азир Алиу

Министер за здравство

 

Мени за пристапност