Почитувани претставници на медиумите,
Почитувани граѓани,
Кога пред неколку месеци кажав дека здравствениот систем ќе го гледаме како жив организам, а не како хаотична збирка од установи, многумина прашаа што ќе значи тоа во пракса?
Денеска е првиот одговор на тоа прашање, а тоа е дека за прв пат Министерството за здравство започна со анализа на податоци на моменталната ситуација на човечките ресурси во јавните и приватните здравствени установи низ целата држава.
Оваа анализа произлезе од еден темелен институционален процес на вкрстување на податоци од повеќе институции, како што се Централен регистар, Агенција за вработување, Лекарска комора, Стоматолошка комора, Фармацевтска комора, Управа за електронско здравство и Фонд за здравствено осигурување.
Здравството не може да се реформира „на слепо“, не може да се планираат дежурства, листи на чекање, специјализации, интервентни тимови и здравствени услуги блиску до домот на секој граѓанин, ако не знаете точно колку луѓе работат во системот, каде работат, со каква стручност.
Почитувани,
Вкупно здравствени установи во државата се 3.779 во моментот кога е направена анализата. Од овие здравствени установи 2.942 се во мрежата на здравствени установи, а надвор од мрежа се 837 установи. Од 2.942, 2.830 се Приватни здравствени установи (ПЗУ), а 112 се јавни установи - од кои 108 се Јавни здравствени установи (ЈЗУ) и 4 институции кои даваат јавни здравствени услуги, како што се Воено медицински центар, МАНУ, Универзитет Св. Кирил и Методиј-Медицински Факултет и Фармацевтски Факултет - Скопје.
Бројот на вработени во јавен и приватен сектор изнесува 32.383, од кои 18.536 се во ЈЗУ, а 13.847 во ПЗУ. Од 13.847 вработени, 9.040 се лекари и членови на тимот во примарно здравство, а останатите 4.807 се вработени во приватни здравствени установи (сите вработени во здравствен сектор)
Од 18.536 вработени во јавното здравство, лекари и медицински соработници на секундарно и терциерно ниво се 4.746. Медицински сестри се 7.003 во ЈЗУ, како и останати медицински и немедицински кадар во ЈЗУ ( во кој се опфатени над 550 називи според меѓународната ISCO класификација (пример возач на брза помош, хигиеничар, магационер, клинички фармацевт и др.)
Почитувани,
Како информатичар, не верувам во политики без податоци, затоа овој процес го започнавме и водевме како инженерски проект на вкрстување на податоците од Јавните здравствени установи и Приватните здравствени установи. Ги поврзавме сите нивоа на здравствената заштита, односно примарно, секундарно и терциерно ниво, ја анализиравме дистрибуцијата во сите општини и региони, податоците ги класифициравме по специјалност, по профил и по тип на установа.
Ова е почеток на воспоставување на регистар на работници во областа на здравството каде што податоците ќе може да ги гледаме во реално време и да креираме здравствени политики базирани на точни и навремено ажурирани податоци.
Почитувани,
Пресекот кој што го направивме не е табела што ќе застари за шест месеци, туку напротив, мапирањето на човечките ресурси веќе го воведуваме како динамичен инструмент на Министерството за здравство кој во секој момент ќе дава аналитички пресек на дистрибуцијата на човечките ресурси во здравството.
Како инженер, верувам дека системите може да се менуваат само откако ќе се измерат и затоа од денес во иднина ќе можеме да го следиме движењето на човечките ресурси во здравствениот систем, од пензионирања, нови вработувања, специјализации, до префрлувања од една во друга здравствена установа.
На крајот, секој граѓанин оправдано ќе праша што ќе значи ова за мене? Ова значи дека кога ќе зборуваме за нови вработувања тоа ќе биде одговор на конкретни потреби да здравствениот систем. Кога ќе кажеме дека ќе се зајакне примарното здравство во некоја општина, точно ќе знаеме точно колку лекари и сестри треба да има таму, кога ќе кажеме дека нема да дозволиме да има градови со двојно помалку лекари по жител, ќе знаеме како да го исправиме тоа.
Ви благодарам на вниманието.