Министерот за здравство, Азир Алиу, на денешната прес-конференција информираше за наодите од странската експертска комисија која изврши независен стручен увид во случаи поврзани со сомнежи за непотребни кардиохируршки интервенции.
-Наодите на Комисијата составена од странски експерти во значаен дел се поклопуваат со наодите на домашната интерна комисија. Од вкупно анализираните 13 предмети поврзани со сомнежи за непотребно извршени или непотребно упатени за операција, странската комисија кај четворица пациенти констатираше дека, цитирам: „обезбедениот третман, во целина, бил медицински соодветен, навремен и во согласност со прифатените стандарди на клиничка пракса.“ Кај останатите 9 пациенти, според странските експерти, цитирам: „документацијата укажува на сомнителни наоди во текот на дијагностичката евалуација - на пример, несогласување меѓу ангиографските наоди од коронарографијата и писмениот извештај - по што следувала несоодветна индикација за процедури, било ендоваскуларни или хируршки“. Во однос на овие случаи, комисијата оценува дека, цитирам: „одредени аспекти од третманот и водењето на пациентите биле под очекуваниот професионален стандард и можеби неповолно влијаеле врз клиничкиот исход“, посочи министерот Алиу
Тој посочи дека наодите на двете комисии се показател дека системот мора да се зајакне. Целта е овој процес да заврши со нови системски правила, нови механизми на контрола и поголема сигурност за пациентите.
Во таа насока, Министерството почна процес на ревидирање на протоколите за постапување при кардиолошки и кардиохируршки интервенции. Ова е суштински важно за натамошно унапредување на здравствената заштита на граѓаните, особено во делот на јасни медицински индикации, стручна проценка и следење на патеката на пациентот.
Паралелно со тоа, формиран е национален харт-тим составен од девет члена - кардиолози и кардиохирурзи, а ќе се пристапи и кон формирање национална листа за кардиохируршки операции, со цел поголема транспарентност, контрола и сигурност за пациентите.