Во продолжение интегрално обраќање на министерот Алиу од денешниот настан
Почитуван премиер на Владата на Република Северна Македонија, г. Христијан Мицкоски,
почитуван градоначалник на Општина Илинден, г. Александар Георгиевски,
почитувани претставници на институциите, драги граѓани,
Денес заедно отвораме ново поглавје на здравствениот систем во Илинден.
Новиот Здравствен дом, изграден на местото на старата амбуланта, е инвестиција која зборува за дело кое ќе пружа здравствена заштита за над 30.000 граѓани од оваа и соседната општина Петровец.
Ние, како Министерство за здравство, веруваме дека една институција за да биде компатибилна и да нуди квалитетни здравствени услуги мора да стои цврсто врз три столба: инфраструктура, организација и човечки потенцијал.
Денешниот ден го симболизира токму тој прв столб, инфраструктурното јакнење, како предуслов за функционален и достапен здравствен систем.
Со инвестиција од вкупно 16 милиони денари, од кои 8 милиони денари обезбедени од Буџетот на Министерството за здравство, а исто толку од Општина Илинден, заеднички создадовме објект со површина од 600 м², распоредени на два ката, со 14 современи ординации. Не станува збор само за бројки, туку и за простор кој ќе понуди доверба, сигурност и грижа за здравјето.
Во овој нов објект граѓаните ќе добијат квалитетна основна здравствена заштита, но и специјалистички здравствени услуги, кои ќе бидат со олеснет пристап и ќе ја намалат потреба од патување на пациентите надвор од општината. Со ова покажуваме дека знаеме и умееме да ја приближуваме здравствената заштита таму каде што најмногу треба, до домот на секој човек.
Воедно, би сакал да нагласам дека оваа соработка меѓу централната и локалната власт е пример за тоа како треба да се работи обединето, фокусирано и насочено кон резултат, резултат кој носи квалитет и бенефиции за граѓани. Им благодарам на сите кои беа дел од реализацијата на овој проект, особено на Општина Илинден, Здравствениот дом Скопје и сите вклучени во процесот.
На крајот би сакал да порачам дека здравството не е апстрактен поим, туку тоа е човечка потреба, морална обврска и институционален капацитет. Денес покажуваме можеме да создадеме систем што служи, штити и почитува.
Благодарам.
---