Министерот за здравство Азир Алиу денес ја посети ЈЗУ Клиничка болница – Штип, каде одржа работна средба со раководството на установата, предводено од директорот, д-р Влатко Захариев.
Оваа установа веќе е зајакната со 18 лекари специјализанти кои веќе се примени и работат, а во моментот се врши тестирање за 18 вработувања, 7 лекари, 9 медицински сестри и 2 дипломирани фармацевти.
На средбата се разговараше за тековните предизвици, потребите на болницата и приоритетите за наредниот период. Во фокусот беа планираните инфраструктурни подобрувања, зајакнувањето со кадар, како и набавката на нова медицинска опрема со цел унапредување на здравствените услуги за граѓаните од овој регион.
-Континуираните теренски посети се важен сегмент од мојата работа како министер. Клиничката болница во Штип е столб на здравствениот систем за источниот регион. Заедно со раководството работиме на конкретни решенија – подобрување на условите за работа, зајакнување на кадровските капацитети и обезбедување современа опрема. Сето тоа е дел од пошироката стратегија за унапредување на здравството низ целата земја, изјави министерот Алиу и додаде дека интензивно се работи на значително зајакнување на јавното здравство со инвестиции од 205 милиони евра, од кои 147,65 милиони евра се за изградбата на Клиничката болница во Штип, Медицински факултет и студентски дом.
Во рамки на работната средба, директорот д-р Захариев, го информираше министерот Алиу за напредокот постигнат во изминатата година. Болницата успеа да го намали долгот од речиси 190 милиони на 85 милиони денари, што овозможи подобри услови за работа и нови инвестиции во медицинска опрема. Меѓу реализираните активности се и поправки на клучни дијагностички апарати(магнетна резонанца, гастроскопија, колоноскопија, стрес тест и оперативен рентген апарат), реконструкција на паркинзи и влезот во болницата, како и целосно обновување на клиничката лабораторија.
Во тек е адаптацијата на модуларната болница во простор за ефективни прегледи преку „Мој Термин“, со што се зголемува пристапноста и ефикасноста на услугите.
-Наш најприоритетен проект останува доизградбата на новата клиничка болница , процес што е веќе во тек. Заедно со Министерството за здравство, работиме на заедничката цел за современи и достапни здравствени услуги за сите граѓани од источниот регион, изјави директорот Захариев.
Во рамки на посетата на Клиничката болница, министерот Алиу оствари средба со заинтересираните граѓани кои искажаа интерес преку „Отворен кабинет" и одблизу ги слушна нивните предлози, идеи и предизвици со кои се соочуваат Министерството за здравство останува посветено на унапредување на условите за третман на пациентите во сите јавни здравствени установи подеднакво.