Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Министерот Клековски најави нови проекти во здравството и се осврна на клучните приоритети - поголема достапност на лекови, реформа на ИМП и дигитално здравство

Министерот Клековски најави нови проекти во здравството и се осврна на клучните приоритети - поголема достапност на лекови, реформа на ИМП и дигитално здравство
Поголема достапност на лекови, реформа на итната помош, обнова на болниците и дигитално здравство се дел од проектите за кои денеска на прес-конференција зборуваше министерот за здравство, Сашо Клековски.
 
Министерот информираше дека новата есенцијална листа опфаќа 392 лека, од кои 193 се нови. Со ЦФ модулатори се лекуваат 126 пациенти со цистична фиброза, наспроти три во 2021 година. За пациентите со мултиплекс склероза се подготвени протоколи за дисперзирана терапија, а од вкупно 835 пациенти, 491 живеат надвор од Скопје. Деблокирана е донацијата на фактор VIII, а за сезонскиот грип се обезбедени 86.000 дози вакцини.

-Резултатите што ги презентираме не се изолирани активности, туку дел од поширок процес на системско унапредување на здравството. Зад секоја бројка стои конкретна промена, односно повеќе пациенти со пристап до терапија и подобра достапност на здравствените услуги, изјави Клековски.
Во болниците, обновени се трауматологијата на Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ и неврофизиологија на Универзитетската клиника за неврологија, а во Бардовци е реновиран „машкиот оддел 2“.
 
Клиничката болница Битола добива опрема над 30 милиони денари, а во Клиничката болница Тетово се вработени 109 досегашни договорци. Во болницата „Св. Еразмо“-Охрид се очекува да завршат активностите за ново крило и четири операциони сали, додека пак, реновирањето на психијатриските установи продолжува во Демир Хисар.
 
Клековски најави реформа на итната медицинска помош, која предвидува издвојување на службата од ЗД Скопје, систем со парамедици и реорганизација на Ургентниот центар во клиничкиот центар.  
-Онаму каде што треба многу повеќе да направиме се радиодијагностиката, онкологијата, КЦ „Мајка Тереза“ и секако обмислување на концептот за долгорочна нега,  додаде Клековски.
 
Министерот зборуваше и за Стратегијата за дигитално здравство до 2030 година, дигитализацијата на услугите.
 
-Свесни сме дека пред нас има уште многу работа. Но, важно е што процесите се движат, реформите се спроведуваат, а резултатите постепено стануваат видливи. Нашиот фокус останува на пациентот и создавањето здравствен систем кој ќе биде одржлив, современ и достапен за сите граѓани, истакна министерот за здравство.

Мени за пристапност