Министерот за здравство, Сашо Клековски, и министерката за здравство на Република Бугарија, Катја Ивкова, денеска, во Софија потпишаа План за соработка меѓу Министерството за здравство на Република Северна Македонија и Министерството за здравство на Република Бугарија за периодот 2026–2028 година.
Со Планот се потврдува определбата на двете земји за натамошно унапредување и продлабочување на соработката во областа на здравството и медицинските науки, врз основа на еднаквост, реципроцитет и заемен интерес. Планот предвидува размена на информации и искуства, размена на специјалисти за обуки и консултации, учество на научни и медицински настани, реализација на заеднички научни и практични проекти, како и соработка при организирање курсеви и семинари. Како приоритетни области на соработка се утврдени примарна и специјализирана медицинска заштита, болничка здравствена заштита, превенција и контрола на заразните и незаразните болести, како и епидемиолошки надзор, медицинска статистика, организација на здравствен одговор при вонредни состојби, електронско здравство, како и други области од заемен интерес.
Во рамки на посетата на Софија, министерот Клековски го посети и Универзитетскиот акушерско-гинеколошки болнички комплекс „Мајчин дом“, каде се запозна со работата на установата и со современите практики во областа на мајчиното и детското здравје, особено во делот на неонатологијата и грижата за новороденчињата.