Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Со измените на Законот за евиденции од областа на здравството, правиме значаен чекор кон целосна дигитализација на здравствениот систем

Со измените на Законот за евиденции од областа на здравството, правиме значаен чекор кон целосна дигитализација на здравствениот систем
Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска одржа прес конференција на која информираше за новините предвидени во Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за евиденциите од областа на здравството, со кои правиме значаен чекор кон целосна дигитализација на здравствениот систем.

-Со ова законско решение, кое деновиве ќе биде поставено на ЕНЕР, се надминуваат досегашните ограничувања во системот на здравствени евиденции и се овозможува нивно целосно електронско водење преку националниот систем за електронски евиденции во здравството „Мој Термин“. Тоа значи дека медицинската документација, упатите, рецептите, извештаите и регистрите ќе се водат дигитално, а хартиената документација ќе се користи само во исклучителни ситуации, како времено решение при прекин на системот. Една од клучните новини е регулирање на Електронското здравствено досие за секој пациент, кое ќе претставува централен извор на сите здравствени податоци – од прегледи и резултати до упати, рецепти и телемедицински услуги, истакна министерот Алиу.

Тој информираше дека Законот предвидува и техничка и семантичка интероперабилност на сите здравствени информатички системи, што значи дека сите јавни и приватни здравствени установи ќе мора да користат системи усогласени со Националниот систем, преку сертифицирање на информатичките системи и задолжително евидентирање на секој пристап до здравствените податоци, со цел зголемување на безбедноста и транспарентноста.

-Првпат се регулира интеграцијата на телемедицината и мобилното здравство (mHealth) во националниот здравствен систем, при што телемедицинските услуги добиваат еднаква правна важност како и физичките прегледи, додаде Алиу.

Предлог-законот предвидува и можност за секундарна употреба на анонимизирани здравствени податоци, исклучиво за цели од јавен интерес, научни истражувања, статистика, образование и развој на здравствени политики, при што е строго забранета секоја употреба што би можела да доведе до дискриминација, профилирање или економска штета за поединец.
Со овој закон се поставуваат темелите за модерен, сигурен и интероперабилен систем за управување со здравствените податоци, кој ќе придонесе за подобар квалитет на здравствените услуги, поефикасно функционирање на здравствениот систем и поголема достапност на услугите за граѓаните, следејќи ги трендовите во оваа област.

Мени за пристапност