Државната секретарка во Министерство за здравство, Даница Стевковска, денеска ја отвори TAIEX експертската мисија посветена на подготовка на стратегија за дроги и психоактивни супстанции и зависничко однесување за периодот 2027–2031 година.
На настанот присуствуваа претставници на Европската комисија, европски експерти, претставници на надлежните институции, граѓанските организации и стручната јавност.
Стевковска истакна дека политиките за дроги се комплексно прашање кое ги надминува рамките на здравството и безбедноста, бидејќи директно ги засегаат јавното здравје, човековото достоинство, социјалната заштита, образованието, правдата и иднината на младите генерации.
Таа нагласи дека за справување со предизвиците поврзани со дрогите е неопходен координиран и мултисекторски пристап, кој ќе ги поврзе превенцијата, раното препознавање на ризиците, лекувањето, намалувањето на штетите, рехабилитацијата и социјалната реинтеграција, заедно со мерките за намалување на понудата и борбата против незаконската трговија со дроги.
Посебен акцент, како што посочи, треба да се стави на заштитата на децата и младите, поддршката на ранливите категории граѓани и обезбедувањето навремен и еднаков пристап до соодветни здравствени и социјални услуги.
Подготовката на новата стратегија за дроги 2027–2031 година е можност да се направи анализа на резултатите и предизвиците од претходниот стратешки период, да се идентификуваат недостатоците во системот и да се дефинираат конкретни мерки за унапредување на националните политики во оваа област.
Во наредните три дена, преку размена на знаења, искуства и добри европски практики, експертската мисија ќе придонесе кон подготовката на стратешки документ кој ќе ги постави насоките за координирано, сеопфатно и одржливо справување со предизвиците поврзани со дрогите.
Министерството за здравство ја нагласува важноста на меѓуинституционалната соработка и партнерството со Европската комисија, експертската заедница и граѓанските организации во креирањето политики насочени кон превенција, заштита на јавното здравје и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.
