Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Клековски, Андовски, Перински и Касами со делегација на Светска банка во КБ Тетово: Подготвуваме значајна инвестиција во здравството на полошкиот регион

Клековски, Андовски, Перински и Касами со делегација на Светска банка во КБ Тетово: Подготвуваме значајна инвестиција во здравството на полошкиот регион
Министерот за здравство, д-р Сашо Клековски, заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински, градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами, и директорот на Клиничка болница Тетово, д-р Ерзен Елези, заедно со делегација на Светска банка и претставници на Министерството за здравство, денеска ја посетија КБ Тетово.
На посетата беше презентиран концептот за темелна реконструкција, проширување и опремување на болницата. Проценетата вредност на планираната инвестиција изнесува 4,56 милијарди денари, односно приближно 74 милиони евра, додека конечниот финансиски модел ќе биде утврден по завршувањето на потребните анализи и постапки.
Проектот предвидува:
  • реконструкција и модернизација на хируршкиот и интернистичкиот блок;
  • изградба на нов павилјон за повеќе медицински дејности;
  • посебен објект за гинекологија, акушерство и неонатологија;
  • набавка на современа медицинска опрема и ИТ-системи;
  • отстранување на дотраените објекти и целосно уредување на болничкиот комплекс.
„Ова е инвестиција во достоинството и сигурноста на пациентите и во подобри услови за здравствените работници. Нашата цел е граѓаните од Тетово и полошкиот регион да добиваат современа и навремена здравствена услуга блиску до местото на живеење“, истакна министерот Клековски.
Инвестицијата е од непосредно значење за околу 251.500 жители на полошкиот регион и треба да овозможи повеќе локално достапни услуги, пократко време на чекање и помалку упатувања во Скопје.
Со претставниците на Светска банка беа разгледани следните чекори: подготовка на физибилити студија, техничка документација, анализа на трошоците и придобивките и дефинирање одржлив модел на финансирање.
Министерството за здравство, заедно со Фондот за здравствено осигурување, општина Тетово и раководството на КБ Тетово, ќе обезбеди координирана подготовка, транспарентност и институционална поддршка во сите фази на проектот.
Модерна КБ Тетово значи посилно регионално здравство и поквалитетна здравствена заштита поблиску до граѓаните.

Мени за пристапност