Министерот за здравство, д-р Беким Сали, учествуваше на форумот посветен на здравјето и добросостојбата на младите од земјите од Западен Балкан, што се одржа во Тирана, Албанија, во организација на Регионалната канцеларија на СЗО за Европа и претставништвото на УНФПА, како и младинските организации од државата.
– Пандемијата со Ковид-19 ни покажа дека младите се наши партнери во заштита на здравјето, а меѓу главните теми на кои е неопходно заеднички да се фокусираме е ангажираноста на младите лица и носителите на одлуки за прашања од областа на здравјето, пристапот до здравствени услуги, репродуктивно и сексуално здравје, социјалните нееднаквости, со посебен акцент на грижата за менталното здравје. Студиите покажуваат дека е алармантно влијанието на Ковид-19 врз менталното здравје кај адолесцентите и кај 30 отсто од нив се забележани од умерени до сериозни симптоми на депресија. Младинските организации имаат значајна улога во обезбедување поддршка и совети за ментално здравје меѓу младата популација, истакна министерот Беким Сали во своето обраќање на форумот.
На маргините на Форумот, министерот Сали оствари билатерална средба со албанската министерка за здравство и социјална политика, д-р Огерта Манастирлиу. Во пресрет на меѓувладините средби на Република Северна Македонија и Р. Албанија. На средбата се потенцираше потребата од измени на Спогодбата меѓу државите во областа на медицинските науки и тоа во делот на дигитализацијата, фармацијата, размена на искуства меѓу лекарите и соработка на коморите од двете држави.