ЈАВЕН ПОВИК
за изразување интерес за ангажирање на стручни медицински лица од странство
Со цел унапредување на нивото на стручно знаење и континуирано подобрување на квалитетот на здравствените услуги преку пренос на современи медицински знаења и примена на најсовремени дијагностички и терапевтски техники, Министерството за здравство објавува Јавен повик за изразување интерес за ангажирање на стручни медицински лица од странство, вработени во реномирани здравствени центри, за потребите на јавните здравствени установи во Република Северна Македонија.
Цел на јавниот повик
Целта на овој јавен повик е:
- идентификација и мапирање на стручни профили, медицински специјалности и експертизи кои можат да придонесат кон унапредување на националниот здравствен систем;
- воспоставување можности за краткорочни форми на ангажман, преку едукација, практична работа, тренинзи и обуки на медицинскиот кадар во јавните здравствени установи во Република Северна Македонија, согласно утврдените потреби на установите и програмските активности за 2026 година и понатаму.
Напомена: Овој јавен повик не претставува оглас за засновање работен однос. Поднесувањето на пријава претставува исклучиво изразување интерес за можни форми на соработка, кои ќе се реализираат само во случај на постоење на конкретна, претходно утврдена потреба.
Кој може да се пријави:
Странски доктори – специјалисти вработени со најмалку десет (10) години релевантно работно искуство во една од следните области:
- неврохирургија
- офталмологија
- трауматологија, ортопедски болести и невромониторинг
- пластична и реконструктивна хирургија
- неонатологија
- оториноларингологија
- дигестивна хирургија
- торакална и васкуларна хирургија
- детска хирургија
- кардиологија
- кардио-анестезиологија
Начин и постапка на пријавување
Пријавувањето се врши исклучиво по електронски пат, преку соодветниот електронски модул објавен на официјалната веб-страница на Министерството за здравство.
Министерството за здравство ќе ги контактира пријавените кандидати само во случај кога ќе биде утврдена конкретна програма или потреба која соодветствува со пријавениот стручeн, здравствен и/или едукативен профил.