Секој здравствен систем има свој видлив и свој невидлив дел. Видливи се болниците, амбулантите, лекарите, опремата и услугите што граѓаните непосредно ги чувствуваат. Но, зад нив постои уште еден, подлабок слој кои е составен од податоците, процесите, трендовите, ризиците и одлуките што одредуваат дали системот во даден момент ќе реагира доцна или ќе препознае навреме каде е потребна интервенција. Откако во претходните колумни пишував за темите за заедничкиот јазик на системот и за пациентот како активен учесник во сопственото лекување, сега фокусот ќе го насочам кон третиот столб на Дигиталната здравствена стратегија 2026–2030, кој нè води кон следното ниво, на кое здравството се манифестира како систем кој учи од сопствените податоци, предвидува ризици и управува со знаење.
Третиот столб на стратегијата е посветен на здравствените податоци, аналитиката, јавноздравствената интелигенција, институционалното управување, отпорноста и безбедноста. Станува збор за столбот што треба да го претвори здравството од систем што главно реагира на последици, во систем што навреме препознава ризици и дејствува.
Во здравството, податокот никогаш не е излоран број, квантитативен израз кои нема врска со одредена човечка состојба. Тој е траг од реален живот кој содржи информации за одредена дијагноза, преглед, терапија, ризик, скрининг, епидемиолошки сигнал, хоспитализација, исход. Ако овие податоци останат херметички затворени во одделни институции, тогаш тие стекнуваат ограничена вредност. Но, ако се добро организирани, заштитени, стандардизирани и анализирани, тие стануваат јавноздравствена интелигенција, односно преминуваат во знаење што може да помогне државата подобро да планира, лекарите подобро да лекуваат, а пациентите порано да добијат поддршка.
Ова е особено важно за болестите што најмногу го оптоваруваат нашето општество, како што се кардиоваскуларните заболувања, малигните болести, дијабетесот, последиците од пушење, како и нездравата исхрана. Состојби кои не се појавуваат одеднаш во животот. Тие имаат трендови, ризични групи, регионални разлики и предупредувачки знаци. Ако системот ги следи навреме и успее да ги детектира, превенцијата може да биде насочена таму каде што е најпотребна, а не таму каде што случајно стигнале податоците.
Во таа смисла, јавноздравствената интелигенција е нова форма на одговорност. Во практична смисла тоа значи да знаеме каде скринингот има слаб опфат, каде хроничните пациенти не се следат доволно редовно, каде недостига специјалистичка услуга, каде има зголемен ризик од заразна болест, каде ресурсите не одговараат на реалните потреби. Политиките засновани на докази бара надминување на административниот пристап и напуштање на бирократизираната интуиција, односно развој на институционална обврска здравството да се води врз основа на проверливо знаење.
Искуствата од светот покажуваат дека ова не е далечна и неприменлива идеја.
Во Соединетите Американски Држави, National Syndromic Surveillance Program на CDC(Центри за превенција и контрола на болести) користи податоци од ургентни центри и други извори за рано следење на здравствени закани и необични трендови. Во Обединетото Кралство, UK Health Security Agency преку јавни dashboards овозможува следење на респираторни вируси, антимикробна резистенција и други јавноздравствени индикатори. Во Финска, Findata покажува како здравствените и социјалните податоци, под строги правила, можат да се користат за истражување, планирање и иновации, без да се жртвува приватноста на граѓаните. Овие примери покажуваат дека современото здравство не подразбира само управување со установи и буџети, туку и со аналитички капацитет, доверлива инфраструктура и правила.
За нашата држава ова ќе значи изградба на национална здравствена аналитичка функција која ќе ги поврзува податоците од системот и ќе ги претвора во навремени показатели. Институтот за јавно здравје, центрите за јавно здравје, Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, болниците и матичните лекари треба да бидат дел од една поврзана јавноздравствена логика. Целта која треба да се постигне е да се создадат мапи на ризик, индикатори за опфат, програми за рано предупредување и сценарија за подготвеност.
Во ова е изразена суштината на data-driven decisions, односно управување во кое одлуките се носат врз основа на реалната состојба на терен, а не врз основа на административна навика. Министерството и јавно-здравствените институции треба навреме да препознаат каде има слаб одѕив на скрининг, каде се создаваат долги листи на чекање, каде хроничните пациенти почесто завршуваат во болница и каде ресурсите не го следат реалниот притисок врз услугите. На овој начин здравствената политика ќе станува попрецизна: ресурсите се распределуваат според потреба, програмите се коригираат според резултат, а институциите се оценуваат според ефектот што го создаваат за граѓаните.
Пандемијата со корона вирусот ни покажа дека јавноздравствената подготвеност не може да се импровизира во момент на криза. Во криза, времето е најскапиот ресурс, системот мора да знае каде има капацитет, каде има ризик, каде треба да се насочат човечки ресурси, опрема, комуникација и превентивна интервенција. Затоа третиот столб во системот ја вградува логиката на рано предупредување, епидемиолошка интелигенција и реално-временска аналитика како дел од редовното управување, а не само како алатка за вонредни состојби.
Податоците сами по себе не се доволни за да имаме подобро здравство. Потребни се институции што знаат да ги користат. Затоа овој столб мора да се поврзе со управување, кадар и одржливо менаџирање на здравствениот систем. Дигиталното здравство бара нови профили, развој на нови компетенции и вештини, односно сосем нова култура на работа: здравствени аналитичари, информатичари, експерти за сајбер-безбедност, луѓе што разбираат клинички процеси и луѓе што знаат како податоците се претвораат во политика.
Истовремено, European Health Data Space ја поставува рамката во која националните здравствени системи постепено ќе можат да соработуваат преку заеднички правила. За нас тоа значи ќе подготовка на здравствените информации што се создаваат во домашниот систем да бидат разбирливи, споредливи и употребливи и во европски контекст (за прекугранична грижа, истражувања, јавноздравствени анализи и за подобро планирање). Оваа перспектива од здравството бара институции со јасни надлежности, правна сигурност, техничка подготвеност и висока култура на заштита на приватноста. Нашите податоци, институции и процедури треба постепено да станат дел од европската дигитална здравствена архитектура, а со тоа и европската интеграција за здравството ќе значи воведување на посилна методологија за ред, безбедност и квалитет.
Третиот столб, затоа, има длабока вредносна димензија. Тој зборува за држава што сака да знае пред да реагира, за здравство што не го гледа податокот како административна обврска, туку како јавна одговорност. Институтциите ќе учат од сопствената работа, притоа штитејќи ја и довербата на граѓаните затоа што ќе ја нивната приватност, нивните права и нивното здравје.
Ако првиот столб беше јазикот на системот, а вториот столб беше гласот на пациентот, третиот столб е интелигенцијата на здравството. Неговата задача е да ја претвори информацијата во знаење, знаењето во одлука, а одлуката во навремена и одржлива здравствена политика.