Министерот за здравство, Азир Алиу денеска се обрати на четвртата годишна конференција за здравство во организација на Американската стопанска комора АмЧам, која годинава е посветена на темата „Моќта на навремената акција за здравствен систем што испорачува“.
Во своето обраќање министерот Алиу се осврна на повеќе тековни проекти за зајакнување и унапредување на капацитетите во јавното здравство. Во рамки на панел дискусијата со претставници од институциите, бизнис секторот и пациентските организации се разговараше како од реактивен да се премине кон проактивен здравствен систем.
-Дијагнозата за нашиот систем е недостиг на основни податоци, нејасно дефинирани временски процеси и краткорочни приоритети. Затоа, почнавме со изработка на десетгодишна национална стратегија за човечки капацитети, која ќе биде независна од дневната политика. Дополнително во партнерство со Медицински факултет при УКИМ и факултетите за медицински науки во Тетово и Штип, ги стартувавме реформите на специјализациите и супспецијализациите со кои ќе се опфати редефинирање на гранки, скратување на дел од програмите и зајакнување на пошироките специјализации – интерна медицина и општа хирургија – за усогласување со реалните потреби на системот, посочи министерот Алиу.
Тој го истакна и зајакнувањето на примарното здравство и превенцијата, со нови вработувања и постапка за набавка на 100 возила за итна медицинска помош, како и надградбата на дигиталната поддршка за пациентите преку ,,МојТермин", „Мое Здравје“ и подготовка на национални мрежи за радиологија и телемедицина. Посочи дека е во тек дигиталната трансформација и воведени се нови модули во „МојТермин“ за евиденција на прегледи од областа на медицина на трудот и систем за евиденција и управување со барањата за листата на лекови, со која првпат се почнува со дигитализација на постапката за ставање нов лек на позитивна листа.
-Работиме на регионално планирање кадар и ресурси и на децентрализација на онколошката грижа во ГОБ „8 Септември“, Тетово и Битола, а во Гостивар веќе е ставена во функција нова хируршка сала за ортопедија и трауматологија. Од првиот ден воведов отворен кабинет и контакт-форма за директен дијалог со граѓаните, а во тек се консултации за пакет измени и дополнувања на 12 закони за поквалитетни и подостапни услуги. Нашата цел е јасна и споделена - тоа е здравство што навреме испорачува квалитетни услуги, со пациентот во центарот, заклучи министерот Алиу.