Во вчерашното гостување во емисијата „Само Интервју“ на Канал 5 телевизија, министерот за здравство, Азир Алиу, се осврна на долгорочното планирање и креирањето политики во здравството.
- - Формиравме работни групи заедно со Министерство за образование и ќе дефинираме десетгодишна национална стратегија за човечки капацитети во здравството. Ќе се знае колку училници ќе се отворат, во кој град, за кои профили на средно стручно образование и колкав ќе биде бројот на отворени слободни места на медицинските факултети. На крајот на денот ќе знаеме за пет години колку доктори ќе имаме или за четири години колку медицински сестри ќе имаме, и врз основа на тоа да креираме политики, рече министерот Алиу.
Во однос на одливот на лекари во странство, министерот посочи дека платата нема улога во тоа, туку други два важни фактори – подобра инфраструктура и кариерен развој.
- - Ние веќе работиме на отстранување на дел од овие работи, на пример во однос на постара инфраструктура, веќе најавивме нова инвестиција од 205 милиони евра во здравството. Мислам дека ќе имаме позитивен тренд на враќање на доктори од странство, додаде министерот.
Министерот Алиу во гостувањето се осврна и на оптимизирање на системот МојТермин, со оглед дека дигитализицијата е една од клучните активности и креиран е посебен сектор кој се бави само со дигитализација.