Во организација на Министерството за здравство, денеска, во Клуб на пратеници се одржа јавна презентација на 12 закони од областа на здравството, на која заедно со стручната фела беа разгледани предлози, мислења и препораки во насока на унапредување на здравствениот систем.
-Овој процес го започнавме во рамки на Министерството со работни групи за измени и дополнувања на 12 законски решенија, кои директно се однесуваат на здравствениот систем. Само преку транспарентност и отворена дискусија можеме да дојдеме до најдобрите решенија. Целта е подобрена законска рамка која ќе биде гаранција за поквалитетни услуги, фер пристап и поголема сигурност за пациентите, истакна министерот Алиу на презентацијата.
Станува збор за системско преосмислување на 12 закони во различни области – од евиденции, преку осигурување и лекови, до биомедицина и јавно здравје, во насока на нивно поврзување и функционирање како една целина.
-Со овие закони целиме кон здравствен систем што е стабилен, поврзан и предвидлив. Систем во кој секој податок, секоја постапка и секоја одлука ќе има место, логика и одговорност. Ги повикувам сите чинители активно да се вклучат во овие процеси за заедно да ја подобриме легислативата, а со тоа и состојбите во здравствениот систем, истакна министерот Алиу.