Нов информациски електронски модул „Систем за евиденција и управување со барањата за Листата на лекови”, е промовиран денеска во Министерството за здравство.
Mинистерот за здравство Азир Алиу на денешната прес-конференција истакна дека првпат се отпочнува со дигитализација на постапката за ставање нов лек на позитивна листа.
Mодулот изработен од Управата за електронско здравство, во соработка со Секторот за фармација во Министерството за здравство, е достапен на интернет страницата на Министерството (www.lekovi.zdravstvo.gov.mk). Во функција ќе биде веднаш откако ќе стапат на сила измените на прописот со кој се уредува оваа постапка, а кој се очекува деновиве да се објави во Службен весник.
-Модулот овозможува електронско поднесување на барањата и внесување на неопходната документација за лекот во системот, кои што досега се доставуваа исклучиво во хартиена форма. Со ова се постигнува значителен напредок во дигитализација на одделните процеси на стандардната оперативна процедура на уредената постапка, истакна Алиу.
Станува збор за прва електронска евиденција и управување со барањата за Листата на лекови во националниот систем, со што се овозможува и транспарентност на процесот преку достапен јавен портал и следење на одделните процеси и на напредокот на постапката во реално време.
Весна Настеска од Секторот за фармација при Министерство за здравство рече дека процесите во е-модулот се базираат на правилникот за начинот и методологијата со кој се утврдува ставањето лек на Листата на лекови кој паѓаат на товар на ФЗО.
- Овој модул претставува и важен исчекор кон осовременување на националниот информациски систем во областа на лековите кој се создава и одржува како централна база со податоци. Модулот носи и конкретни придобивки затоа што поднесоците се евидентираат, се следат и се управуваат во самиот систем, во системот има поврзување на институциите кои учествуваат во постапката, како и стручните лица од составот на комисијата за позитивната листа, а во транспарентноста на процесот има јавен портал каде може да се следат сите податоци и информации за постапката за ставање лек на позитивната листа.