Министерот за здравство, Азир Алиу, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска ги посетија хируршките клиники во комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде изминатиот период се комплетно реконструирани шест операциони сали од кои две на Клиниката ТОАРИЛУЦ (оддел трауматологија), две на Клиниката за урологија и две на Клиниката за детска хирургија.
-Извршена е комплетна реконструкција и реновирање, комплетна замена на инсталација, подови, прозори, и сите градежни зафати се извршени според највисоките стандарди. Станува збор за пообемен проект кој опфаќа вкупно 10 хируршки сали, во вкупна вредност од 282 милиони денари. Градежните активности почнаа на почетокот на ноември. Продолжуваме со реконтрукција и реновирање и на преостанатите четири хируршки сали, од кои три се за Клиника за дигестивна хирургија и една нова сала за Ургентниот центар која ќе биде наменета за еднодневните интервенции. Со заокружување на овој обемен проект, ќе имаме целосно обновен хируршки блок во комплексот клиники, истакна министерот Алиу.
На Клиниката за ТОАРИЛУЦ е обезбедена и комплетно опремена нова хируршка опрема, која опфаќа нови анестезиолошки машини, операциони светла и монитори, нов мобилен рендген апарат, како и апаратура за бескрвни операции на дланка и нога со запирање на протокот на крв. Поставен е и нов систем за вентилација и внес на воздух.
Во салите на Клиника за урологија се обезбедени два најсовремени апарати, од кои едниот за биопсија на простата (ова е единствен ваков апарат на Балканот и вакви апарати има само во најразвиените уролошки центри) на кој се врши таргет-биопсија односно исклучително прецизно се таргетира само сомнителното ткиво. Исто така, обезбеден е и ласер за енуклеација на простата, односно за изведување бескрвна операција.
