Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Унапредувањето на органодарителството еден од најуспешно финализирани процеси во здравството

Унапредувањето на органодарителството еден од најуспешно финализирани процеси во здравството
Министерот за здравство, Азир Алиу денеска одржа прес конференција заедно со националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска, на која информираа за имплементацијата на модулот во системот Мојтермин за евидентирање на волјата на граѓаните да бидат органодарители.

-Со денешната прес-конференција заокружуваме еден од најчовечките, најсмелите и најуспешно финализирани процеси што ги водевме во здравството. Со усвојувањето на измените на Законот за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување, државата направи силен исчекор. Од тема што предолго живееше под превезот на страв и тема за која се зборуваше во болничките ходници, успеавме да создадеме тема за која се зборува јавно, одговорно и достоинствено. Со овие законски измени, секој полнолетен граѓанин, при посета на својот матичен лекар, ќе може да се произнесе дали сака или не сака по смртта да биде органодарител. Модулот во „Мој Термин“, преку кој ќе се регистрира волјата на граѓаните, веќе е развиен, истакна министерот Алиу.

Тој информираше дека при посета на својот избран матичен лекар, секој полнолетен граѓанин ќе може јасно да се изјасни дали се согласува или не се согласува по смртта да биде дарител на органи и ткива заради лекување. Пред да ја даде изјавата, избраниот лекар ќе има обврска да го информира граѓанинот за значењето на одлуката, за нејзините правни последици и за правото таа во секое време да може да се промени. Изјавата ќе се потпишува лично, ќе се заверува од избраниот лекар и ќе се архивира, а потоа како скениран документ ќе се внесува во националната листа во рамките на Националниот систем за електронски евиденции во здравството.

-Пристапот до овие податоци ќе биде строго ограничен, контролиран и евидентиран, што значи дека секој увид во системот ќе остава трага и ќе биде дозволен само за точно утврдени овластени лица. Дополнително, граѓанинот во секое време ќе може да ја промени својата одлука со нова изјава кај својот избран лекар, а важечка ќе биде секогаш последната евидентирана изјава. Паралелно со развојот на овој модул, се работи и на уредбата и правилникот, со кои попрецизно ќе се уредат националната листа, пристапот до податоците, формата на изјавата и начинот на нејзино давање и промена, додаде Алиу.

Воедно, министерот изрази благодарност до националната координаторка, проф. д-р Билјана Кузмановска, до трансплантациските тимови, лекарите, медицинските сестри и до сите што ја поддржаа кампањата и кои се дел од системот за органодарителство и трансплантација.

Мени за пристапност