Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Клековски: Здравствените власти се тука на долги патеки – 16 операции на повредените во Кочани заедно со израелскиот тим

Клековски: Здравствените власти се тука на долги патеки – 16 операции на повредените во Кочани заедно со израелскиот тим

На денешната прес-конференција, министерот за здравство, Сашо Клековски ги претстави резултатите од посетата на хирурзите од медицинскиот центар „Шеба“ од Тел Авив. Заедно со македонските тимови, тие извршија 24 специјалистички прегледи и 16 операции на повредените во трагедијата во Кочани. Фокусот на израелскиот тим беше на шаките и рацете, за да им се врати функцијата. Интервенциите опфатија ексцизија и ревизија на лузни, ослободување на контрактури, Z-пластика и трансплантати на кожа со полна дебелина.

На прес-конференцијата се обратија и:

  • д-р Моти Харац, директор на Националниот центар за изгореници при „Шеба“;
  • д-р Јасмина Ѓоргиевска Павловска, директорка на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија;
  • д-р Катерина Мирчовска, директорка на Општата болница Кочани;
  • д-р Гордана Георгиева од работната група на Министерството за здравство.
-Здравствените власти се тука на долги патеки. Грижата за повредените во Кочани не заврши со болничкото лекување. Таа продолжува со операции, контроли и рехабилитација. Им благодарам на колегите од медицинскиот центар „Шеба“. Д-р Харац и д-р Канфино Кац беа со нас и веднаш по трагедијата, а сега се вратија за да продолжат да помагаат“, изјави министерот Клековски.
 
Оперирани се 16 пациенти, 10 мажи и 6 жени. Шест операции се извршени на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје, меѓу нив петте најсложени, а десет во Општата болница Кочани.

Директорката Ѓоргиевска Павловска истакна дека на Клиниката продолжува следењето на оперираните пациенти. Директорката Мирчовска додаде дека десетте пациенти оперирани во Кочани ќе ги продолжат контролите блиску до дома.

Д-р Гордана Георгиева објасни дека работната група на Министерството ги координира сите напори за потребите на повредените, од категоризацијата на повредите до планот за рехабилитација за секој пациент.

-Нашите хирурзи работеа рамо до рамо со израелските колеги. Пациентите добија врвна стручност, а нашите лекари искуство што останува дома. Работната група ќе продолжи да ја координира грижата за секој повреден, онолку долго колку што е потребно, додаде Клековски.

Мени за пристапност