Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

За првпат во историјата на Македонија: онколошката грижа на маса на највисоко ниво

За првпат во историјата на Македонија: онколошката грижа на маса на највисоко ниво
Министерството за здравство и здружението ХЕМА-ОНКО денес, во Свечената сала на Владата, ја одржаа работилницата „Редефинирање на онколошката грижа: системски решенија за достапна и непрекината грижа во Македонија“. За прв пат во историјата на Македонија, за состојбата и иднината на онколошката грижа се разговара на вакво високо ниво. На една маса седнаа Владата, Министерството за здравство, МАНУ, Медицински и Фармацевтски факултет, Институтот за јавно здравје, Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, ГОБ „8 Септември“, повеќе директори на ЈЗУ, здравствени работници и од јавен и од приватен сектор, претставници на пациентите, како и на индустријата. Со нив беа и водечки експерти од Франција, Словенија, Хрватска, Бугарија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
„Сега е критичен момент како од фрагментиран и преоптоварен систем на онколошка грижа да преминеме во сеопфатен национален план и онколошка мрежа со единствени стандарди и ја има целата поддршка на Владата и здравствените власти“ изјави министерот за здравство Сашо Клековски на отворањето.
„За првпат во историјата на Македонија за ракот се разговара на вакво ниво: Владата, институциите, лекарите, пациентите и врвни европски експерти заедно“, изјави директорот на УКРО Игор Стојковски. Инаку, бројките покажуваат зошто разговорот е итен. Во 2023 година во Македонија се регистрирани 8.371 нови случаи на рак, што е 16 % повеќе отколку пред десет години. Истата година од рак починале 3.726 лица. Секој ден се поставуваат околу 23 нови дијагнози, а умираат околу 11 луѓе. Кај нас ракот се јавува поретко отколку во ЕУ, но од него се умира почесто.
 
Во воведното предавање проф. д-р Жозеф Глигоров од Универзитетот Сорбона и болницата Тенон во Париз ги претстави европските онколошки стандарди. Тој истакна дека Македонија треба да премине од еден преоптоварен центар кон национална онколошка мрежа. Во таа мрежа еден сеопфатен онколошки центар ќе ја води грижата, сложеното лекување ќе се концентрира таму, а вообичаената терапија ќе се дава поблиску до домот на пациентот. Како најбрзи мерки ги посочи задолжителните конзилиуми за секој нов случај, вклучително и на далечина, и патеките на пациентот со максимални рокови на чекање. Притоа предложи патоказ за следните 24 месеци.
 
Првиот панел, со модератор Синиша Стојаноски, директор на ГОБ „8-ми Септември“, отворено ги изнесе слабостите на системот. Говореа д-р Марија Андоновска (ИЈЗ), Елена Ристоска (МЗ), проф. д-р Игор Стојковски (УКРО) и Ана Марјановиќ (ХЕМА-ОНКО). Панелистите покажаа дека ракот кај нас се јавува поретко отколку во ЕУ, но од него се умира почесто. Скрининг-програмите постојат на хартија, но не стигнуваат до граѓаните, па опфатот кај ракот на дојка е под 6 %. Дијагностиката, без која нема терапија, е недоволна и ранлива. УКРО носи товар за цела држава и работи на границата на своите можности, со само три линеарни акцелератори за 1,8 милиони жители. Терапијата се планира од буџет до буџет, а пациентите губат недели од првиот сомнеж до почетокот на лекувањето. И покрај тоа со истата опрема во 2025 година и истиот персонал дијагностичките услуги  се зголемени за 15% а радиотерапијата за 55% и само благодарејќи на подобрата организација и на здравствените работници, нема колапс.
Панелот „Од потреби до одлуки: инфраструктура и технологија во онколошката грижа“, беше посветен на приоритетите. Модератор беше Ана Шутиноска. Учесниците во три круга одговараа на три прашања: каде е најитно, што функцира и кои се следните чекори.
Во рамки на овој панел серазговараше и за приоритетните инфраструктурни и технолошки потреби за унапредување на грижата за онколошките пациенти, како и долгорочните стратегии за национален пристап кон контролата на малигните заболувања.
Во заклучната сесија во име на пациентите се обрати Ана Марјановиќ од ХЕМА-ОНКО. Министерот Клековски ги изнесе насоките на Министерството за следните чекори: итни мерки за стабилизација на онколошката грижа и долгорочен национален пристап кон контролата на ракот.
„Денес за првпат имаме заедничка слика: каде сме, каде сакаме да бидеме и како ќе стигнеме дотаму. Пациентите што се лекуваат денес не можат да чекаат, па затоа прво доаѓаат итните мерки. Паралелно започнуваме повеќе активности како студија за инфраструктурата и технологијата и градење на долгорочен национален пристап кон контролата на ракот. Македонија од годинава е дел од EU4Health под исти услови како земјите-членки. Европските средства одат таму каде што има национален план, јасна водечка институција и податоци, и токму тоа ќе го градиме“, рече министерот Клековски.
 

Мени за пристапност