Како уште една исклучително важна реформа во нашиот здравствен систем, а со цел зајакнување на управувањето со Јавните здравствени установи, за прв пат во здравствениот систем на Република Македонија го воведуваме системот на Balanced Scorecard или систем на Избалансиран приказ за постигнувањата.
Со овој систем најпрво на национално ниво се одредуваат индикаторите на здравствениот систем поделени во четири области: Пациенти, Клинички фокус, Развој/обука и Финансии. Од овие национални индикатори дефинирани од страна на Министерството за здравство, произлегуваат индикаторите за поединечните ЈЗУ-и. Откако ќе се постават индикаторите за секоја ЈЗУ, следењето на нивната реализација ќе биде по 6 месеци, а завршната проценка по 1 година.
Индикаторите во областа Пациенти се однесуваат на хигиената во здравствените институции, задоволството на пациентите од односот на здравствените работници, задоволството на пациентите од болничката храна, времето на чекање на пациентите за добивање одредена интервенција, колку бргу здравствената институција одговара на поплаките на пациентите.
Индикаторите во областа Клинички фокус се однесуваат на придржувањето до протоколите за дијагностика и третман што произлегуваат од медицината базирана на докази, дополнителното намалување на доенечкиот морталитет применливо во гинеколошко-акушерските здравствени институции или одделенија, користењето на електронскиот систем за закажување Мој термин, постигнувањата според системот за вреднување по учинок.
Индикаторите во областа Развој и обука се однесуваат на новите интервенции или вештини што треба да се совладаат во ЈЗУ, поттикнувањето на научната работа, заддржувањето на врвниот талент, воведувањето или развивањето систем за квалитет во здравствената институција.
Индикаторите во областа Финансии се однесуваат на придржувањето до планираните приходи и расходи, што треба да превенира генерирање долгови, поттикнување на обезбедувањето приходи од други извори, со цел зајакнување на претприемачкиот дух кај менаџментот, придржување до планираните трошоци за лекови и медицински материјал, придржување до прописите во делот на финансиското работење.
На секој индикатор е одредена соодветна тежина, a од нивото на реализација на поставените индикатори ќе зависи дали менаџментот на соодветната ЈЗУ ќе биде дополнително финансиски награден или не. Предвидено е системот од година во година да се надоградува и да се воведуваат дополнителни индикатори чија реализација ќе се следи.
На овој начин воведуваме транспарентен систем во кој сите ЈЗУ-и придонесуваат кон реализација на националните индикатори, односно националната здравствена стратегија дефинирана од Министерството за здравство. Воедно, ја потенцираме улогата и одговорноста на менаџментот, овозможувајќи да дојде до израз посветеностa, инцијативностa, инвентивностa, а пред сè чесното и домаќинско работење на луѓето што ги водат ЈЗУ.
Системот овозможува фер и објективна проценка на работата на менаџментот на ЈЗУ, но и идентификување на областите каде е потребно понатамошно подобрување, како на ниво на здравствената институција, така и на ниво на целата земја.
Контакт лице од Министерството за здравство:
д-р Ивица Смоковски
ivica.smokovski@zdravstvo.gov.mk