Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче, утрово направи обиколка низ интерните клиники во клиничкиот кампус „Мајка Тереза“. Тој го посети и новоотворениот ковид центар на Клиниката за очни болести, кој од утрово почна со работа.
– Целиот здравствен систем е координиран и усогласен со сите јавноздравствени установи. Во сите установи работи стручен медицински кадар. Здравствените работници се преморени, меѓутоа тие не се откажуваат и го даваат својот максимум во третманот на пациентите, изјави Филипче.
Во ковид центарот во Клиниката за очни болести е хоспитализиран првиот пациент, а целото одделение располага со капацитет од 23 кревети. Клиниката е подготвена да помогне во згрижувањето пациенти на кои им е потребна хоспитализација и кислородна поддршка.
Следен чекор е зголемување на болничките капацитетите со 50 легла за ковид пациенти на Клиниката за уво, нос и грло. Во следните денови се очекува да биде комплетно подготвена и оваа установа, во која во моментов се поставува централен довод на кислород.