Следна во Вашата маршрута е тетовската болница. Зошто се одлучивте проблемите во болниците да ги решавате на самото место?
Се определив за менаџмент-концепт што не се применувал ни во јавен ни во приватен сектор, а широко се применува во Јапонија. Ако може генерален менаџер на една од мултинационалните компании како што се „Тојота“, „Сони“ да биде онаму каде што се случуваат работите за да ги гледа директно проблемите, зошто да не го прави тоа и еден министер. Да го применам кај нас ме натера тоа што министерот многу често е на тапет за тоа што се случува во јавните здравствени установи, па дури и за најмала работа. Работа на министерот е да биде таму и да види што ги предизвикува проблемите. Тоа не го прави сам, туку со цел тим – еден што работи на организација, менаџмент, право, а друг што е стручен.
Дали со ваквото шетање низ болниците министерот не губи време на решавање организациски проблеми кои се работа на менаџерите?
Немам илузија дека ќе стасам да ги решам сите проблеми, зашто нема министер што ги решил сите проблеми. Евидентно е дека и во Штип и во Битола определен број проблеми се решија и пациентите во овие клинички болници за нијанса ќе имаат подобра здравствена услуга. Ако се направи кост бенефит анализа на моето потрошено време со реално нето-ефектот, јас сум повеќе од задоволен. Па работата на министерот е да ги решава проблеми, а тие се на терен. А тоа дека министерот е поставен да креира здравствена политика, па се креираат политики да се решат определени проблеми.
Ако менаџерите не си ја вршат работата, зошто не ги санкционирате или сте претпазливи зашто тоа се партиски поставени личности?
Не ми се битни припадности, било партиски, пријателски, туку дали ги почитуваат правилата што се поставени или не. Не одам во болниците да ги казнам и да ги сменам менаџерите. Тоа може да го направам и со извештаите што ги добивам. Ако го казнам или сменам менаџерот, корист нема да има граѓанинот, зашто и наредниот менаџер може да постапува исто. Ова е здравство и прилично се скудни компетенциите за организирање и менаџирање. Затоа одиме во болниците со 30 експерти од разни области. Ова е мултидисциплинарен пристап кој им помага на менаџерите побрзо да завршат некоја работа или некоја што не ја знаат.
Но, во Министерството за здравство има готови извештаи од експерти. Дали не им верувате на тие стручњаци, па сега мора одново да правите снимање на терен?
Стручњаците се исти, но е сосема различен менаџмент-концептот. Далеку е од тоа да не им се верува на стручњаците. Првиот човек треба лично да го согледа проблемот, а не да го добие како извештај. Лично да се видат проблемите е многу поразлично од тоа да го добиеш извештајот. Тоа е еден вид дабл чек на целата работа.
Дали ги лоциравте проблемите во системот на новото упатување кој треба да стартува од почетокот на идната година?
Најголемиот проблем е во информираноста и во желбата за информираност. Направивме карвани, преку триесетина посети едуциравме матични лекари, специјалисти. Имаше забелешки и ги решаваме во од. Овој концепт не е за едно наменска употреба, туку постојано ќе биде предмет на промена и подобрување. Очекувам во наредните два-три месеци да има проблеми, но многу помалку отсега и во наредната една година да се постигне целта – да се растовари терциерното здравство и колку што е можно поголем број пациенти да добијат услуга на пониско ниво на здравствена заштита што е многу поевтино и за системот и за пациентите.
Ако имало едукации за новото упатување, зошто најголем проблем е неинформираноста?
Не се против новото упатување, туку се тешки на промени. За секоја промена треба определено време за да се прифати како реалност, да се научиме да функционираме во таков систем. За една година ќе имаме чисто искрастилизиран концепт кој ќе го има единствениот проблем – целосно да биде прифатен од учесниците.
Со новото упатување листите на чекање само ќе се префрлат од клиниките кај општите болници. Како ќе ги убедите пациентите дека ќе добијат иста здравствена услуга?
Не прифаќам дека лекарите на примарно и на секундарно ниво се медицински недоволно едуцирани да дадат квалитетна здравствена услуга. Кога сите болни би се сконцентирале на клиничкиот центар, недоволноста на кадар уште повеќе се предимензионира, па здравствените работници, занимавајќи се со многу пациенти од оние со наједноставни до најсложени дијагнози, ризикуваат да направат грешка од преблокираност. Со концептот ќе се дисперзира здравствената услуга на повеќе места, некаде ќе се зголеми здравствената услуга, но ќе се намали на клиниките. А листи на чекање има и во сите здравствени системи и не може да се евалуира системот врз основа на должината на листа на чекање.
По 1 јануари, кога ќе има прилив на болни, како Градска болница „8 Септември“ ќе може да ги згрижи пациентите ако и’ недостигаат 147 здравствени работници?
И да им одобрам нови вработувања, нема да се реши проблемот, зашто е креиран шест-седум години наназад. Немало никаква стратегија за вработувања. И за вработувања не треба да има стратегија, туку да има конкретни планови. Посебно зашто никој не можел да предвиди дека во толкав голем број ќе заминат во приватно здравство. Затоа подготвив петгодишен план за специјализации кој наскоро ќе го презентирам и оглас кој ќе ми помогне да направам еден регистар на сите што завршиле приватна специјализација во овој период или се во завршна година на специјализација и да се обидам од нив да регрутирам кадар кој ќе може веднаш да ја извршува работата. А болниците ќе може да се справат со бројот на пациентите, зашто фиксен е бројот на пациенти, а фиксен е бројот на лекари, и денес и утре, и пред концептот и по него.
Кој ќе одговара ако некој од пациентите настрада поради неподготвеноста на болниците за новиот концепт?
Ќе одговара лекарот што ќе направи грешка. Или сите лекари што го шетале пациентот со образложение дека не е нивен случај. Како што направив и со пациентката од велешката болница која била донесена со инфекција на Гинекологија, поднесов кривична пријава против непознат сторител.
Дали ќе откриете колку од опремата е во функција, за што најавивте и анализа?
Во најголем дел функционираат освен онаму каде што има недостиг од знаење и вештини за користење на апаратите, не од технички аспект, туку на лекарите им требаат медицински предзнаења и за тоа треба определени обуки. Во тек се две обуки, една обука за новата апаратура и другата за нови дијагностички тераписки процедури кои не се користат во земјава и за кои се плаќаат сериозни средства за лекување во странство.
Ако немаат медицински предзнаења, како лекарите ќе ги прегледуваат пациентите на новата опрема во регионалните болници каде што со новото упатување ќе треба да се лекуваат?
При посетата на регионалната болница во Штип, компјутерската томографија и магнетната успеав да ги инсталираме и сега се калибрираат. До Нова година треба да профункционираат. А во Тетово во тек се градежните работи. Таму каде што не може да се добие услугата, пациентите ќе се преупатуваат на повисоко ниво. А ова што не го сфатиле лекарите е поради нивната неинформираност и затоа и системот тргна порано за да може повеќе луѓе да се информираат и затоа одам на терен.
Кога ги носите одлуките, лекарската фела Ви забележува дека не се консултирате со коморите и базата или, пак, само формално ја запазувате јавната дебата?
Не е точно. За казните на лекарите консултирав стручњаци за казни и право, а Лекарската комора и Македонското лекарско друштво, иако казните се однесуваат за нив, не се компетентни за нив. Не можам со лекари да се консултирам за правна материја, ниту, пак, со правници за лекарска материја. А за медицинските услуги се консултирам со лекарите. Еве сега 47 експерти ги работат протоколите базирани на медицина на докази.
Зошто тогаш Македонското лекарско друштво јавно Ве повика да им се извините?
Тоа е политика. А не ми е јасно за што да им се извинам. Казните не ги измислив јас. Тие се во законот 15 години наназад и казна затвор тоа е во Кривичниот закон. Секој доктор знае што е казниво, па дури и издавање лажно боледување, кое е од 2005 година, а сега сакам само да се почитува.
Најавивте еден куп казни во здравството. Дали здравството ќе го ставите в затвор?
Тоа е паушална оцена. Не, в затвор ќе ги ставиме оние што ќе бидат осудени во постапка утврдена со закон и ќе бидат прогласени за виновни за сторено кривично дело и тоа ќе го сторат компетентни лица, а не јас. Ред се прави со поставување правила и со казни. Ако некој не сака да го прифати, тоа е проблем на разбирање на живеење во современа држава и подбивање со правниот поредок. Тоа што 20 години се работело поинаку со стручни комисии и инспекции веројатно имало сериозни правни пропусти од претходните министри.
Во јавноста се добива впечаток дека носите брзоплети одлуки. Една од нив е и електронското закажување прегледи, кое само два дена по промоцијата, воопшто не функционираше во практика?
Никој не ми рекол дека носам брзи одлуки. Електронското закажување прегледи не е брзоплето, туку не е имплементирано доследно од оние што треба да го применат. Не треба да се инсталира програма, тоа е веб базирана апликација само треба да се внесе име и презиме на пациентот. А кога го презентирав системот, не кажав дека треба монитори, туку само да се печатат листи на чекање.
Дали сметате дека сте покомпетентни од стручњаците, зошто кога ги промовирате новините во јавноста не им давате да кажат збор?
Не сметам дека сум покомпетентен од фармацевтите или од економистите кои ги сработиле новините што ги промовираме. Но, сум покомпетентен во делот на односи со јавноста и затоа на промоциите обично јас ги промовирам новините.
Зошто барате претседател на коморите да биде лице во работен однос?
Не сакам никој да навредам, но сметам дека оние што се во работен однос повеќе се во тек со развојот, новините, а само така се добива квалитет.
Фактурите што ги доставуваат јавните здравствени установи по програмите се исплаќаат во текот на годината, согласно со точно утврдена динамика и по доставените извештаи за реализирани активности, исклучиво доколку е постапено по програмата. Фактурите што се исправни и навремено доставени се исплаќаат редовно, а оние што не се исправни, пак, односно не се во согласност со програмата се враќаат на ЈЗУ на дополнување.