Проектот за имплементација на систем за електронски здравствени картички (СЕЗК) започнаа со реализација во 2009 –та година со потпишување на Договор за јавна набавка.
Набавката на Системот за електронски здравствени картички (СЕЗК) ги вклучува следните компоненти:
- 2.000.000 Електронски здравствени (смарт) картички (ЕЗК) за осигурените лица во РМ
- Инсталација на PKI инфраструктура (инфраструктура за дигитални сертификати)
- Персонализација на картичките со дигитален сертификат
- Тренинг и поддршка за вработените во ФЗОМ
- Хардвер и софтвер за функционална поддршка
- читачи за картичките (10.000)
- бар-код скенери (120)
- печатачи на етикети (30)
- софтверски интерфејс кон Информатичкиот систем на ФЗОМ и
- Систем за менаџирање на картичките
Со овој систем ширум се отвараат вратите за целосна имплементација на електронско здравство во нашата држава. Електронските здравствени картички ќе ги користат осигурените лица и здравствените работници. Со нив ќе се овозможи идентификација и автентификација на сите корисници, контролиран пристап до податоците и остварување на правото на одредени услуги во здравствениот систем.
Осигурените лица ќе добијат поедноставување на постапката за докажување на правото на здравствена заштита (отпаѓа потребата од печатење на сини картони). Медицинските податоци кои ќе бидат на картичката ќе овозможат подобар квалитет на здравствените услуги, брза реакција при итни случаи.
Во здравствените информатички системи кои ќе ја користат ЕЗК, во здравствените установи ќе се овозможи воведување на нови работни процеси: електронски здравствен картон, електронски рецепт, електронско закажување на прегледи и други услуги што ќе значи намалување на бројот на двојни прегледи и ќе се овозможи брза комуникација и консултации помеѓу примарната, секундарната и терциерната здравствена заштита, поквалитетна услуга и намалување на ризикот од погрешни стручни одлуки.
Основните податоци за осигуреникот кои ќе се наоѓаат на картичката ќе овозможат меѓусебна електронска комуникација помеѓу матичните лекари, болниците, специјалистите и останатите субјекти во здравствениот систем.
Ќе се добие финансиска заштеда преку преоѓање на електронско работење (електронски упат, електронски рецепт) кои ќе ги заменат досегашните хартиени упати и рецепти.Ќе се добијат точни податоци за сите сегменти кои ги опфаќа здравствениот систем.
Граѓаните ќе добијат можност преку Интернет да пристапат на сигурен начин до сопствените податоци и корисни информации.
Проектот за СЕЗК оперативно го спроведува Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ).
Техничка документација, подзаконски акти, упатства за користење и останати информации поврзани со издавањето и користењето на електронска здравствена картичка може да најдете тука.