Национална програма за усвојување на правото на Европската унија (НПАА)

Националната програма за усвојување на правото на Европската унија (НПАА) е сеопфатен долгорочен документ кој ја дефинира динамиката на усвојувањето на правото на ЕУ, стратегиските насоки, политиките, реформите, структурите, ресурсите и роковите што треба да се реализираат со цел Република Македонија  да ги исполни условите за членство во Европската унија.

Националната програма за усвојување на правото на Европската унија:

  • утврдува детален план и распоред за усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ (acquis communautaire) и  ги определува надлежните институции и органи за негова подготовка и спроведување;
  • става посебен акцент на административните структури за спроведување на законодавството во насока на формирање нови или реформирање на постојните институции, како и за обезбедување на соодветен обучен кадар;
  • опфаќа средства од буџетот и од фондовите за странска поддршка потребни за спроведување на предвидените задачи, како основа за натамошното стратегиско планирање и за планирањето на Буџетот на Република Македонија и
  • јасно ги утврдува временските рокови за усвојување на правото на ЕУ.

НПАА  ја следи структурата на копенхашките и на мадридските критериуми, односно ги опфаќа: политичките критериуми, економските критериуми,  способноста да се преземат обврските од членството, административниот капацитет, подготовката на Националната верзија на правото на ЕУ и информирањето и комуникацијата со јавноста.

НПАА,  исто така претставува значаен извор на информации за деловниот и економскиот сектор во планирањето на идните активности и овозможува јавноста да го осознае и следи процесот на интеграција на Република Македонија во Евроспката унија. Затоа НПАА е значаен инструмент за транспарентноста на работата на Владата на Република Македонија.

НПАА е резултат на заемната соработка на сите надлежни институции во Република Македонија во процес координиран од Секретаријатот за европски прашања и истата ќе послужи за формулирањето на преговарачките позиции на Република Македонија по започнувањето на преговорите за членство во Европската унија.  Оваа програма, за првпат усвоена во 2006 година, се ревидира и ажурира годишно со активности кои произлегуваат од редовните извештаи на Европската комисија за напредокот на Република Македонија, како и од краткорочните и среднорочните приоритети од Партнерството за пристапување.

 

Оценката за остварувањето на приоритетите се дава во Извештајот за напредокот, којшто Европската комисија го објавува еднаш годишно, во ноември.

Сподели на:

Related Posts