Информираме дека и во следните три дена (од среда до петок) нашата држава ќе биде зафатена со температури од портокалова фаза и продолжуваат да важат препораките на Министерството за здравство – од работни обврски да бидат ослободени бремените жени и лицата над 60 годишна возраст, додека сите останати лица при појава на каков било здравствен проблем веднаш да се јават кај својот матичен лекар.
На работодавците им се препорачува да го реорганизираат работното време во насока на избегнување активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, како и обезбедување одмор под сенка и доволно течности на секои два часа.
Министерството за здравство препорачува да не се одржуваат спортски активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, а особено се препорачува на установите за згрижување на децата (детски градинки) да не ги изнесуваат децата на отворено и да не практикуваат физичка активност во истиот период.
За граѓаните од целата држава потсетуваме дека е потребно да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури, како што се: заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, носење светла и лесна облека, консумирање лесна храна и течности и хигиенски начин на подготовка на храната.
На хронично болните лица се препорачува редовно земање на препишаната терапија, а при појава на било каков здравствен проблем да го контактираат својот матичен лекар.
Поради повисоките температури напоменуваме дека е потребен повисок степен на внимание при подготовка и консумирање на храната.
Информации за топлотните бранови континуирано се дистрибуираат на интернет страната www.toplotnibranovi.mk