Уште од рана возраст, медицината ми беше прва љубов. Кога бев дете ја посетував мајка ми на нејзиното работно место како медицинска сестра во амбулантата во нашето село.
Таму гледав како лекарот и медицинскиот персонал со голема посветеност се грижеа за болните и оние кои имаа потреба.
Оттогаш си ветив себеси дека ќе го дадам максимумот и во иднина ќе станам како тој хуманиот човек со бела облека – така го викав докторот од селото. За да ја постигнам целта, секогаш се дружев со медицинските книги. Студиите воопшто не беа лесни, но со упорна работа, со волја и ентузијазам го постигнав она што отсекогаш го сакав.
Денот кога дипломирав беше најсреќниот ден во мојот живот, но мојата желба беше да се оди уште погоре и сакав да специјализирам и одбрав ортопедија. Причините зошто ја избрав оваа гранка беа многубројни, но најважно беше тоа што честопати гледав околу мене луѓе со инвалидност во екстремитети и сакав да ги оперирам и со свои раце да го олеснам нивниот живот.
Иако оваа работа бара голема посветеност, студија и физички и ментален замор, јас сум среќен што можам да работам на оваа професија, бидејќи можам да им помогнам на луѓето кои во моите раце го оставаат највредното – нивното здравје, и кога ќе видам дека како резултат на мојата операција се враќаат во нормален живот без бариери, тоа ми дава волја да продолжам напред.
/**
*/