Скопје (22 март 2013) – Во последните 10 години во континуитет има постојано намалување на вкупниот број болни од туберкулоза. Во 2012 година во Македонија се регистрирани 355 случаи со туберкулоза, а во 2002 година тој број изнесуваше 730 случаи. Се бележи и намалување на процентот на заболени деца, минатата година се откриени 29 случаи, го истакна директорот на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, Билјана Илиевска Поповска на заедничката прес-конференција што ја оргабнизираше Националниот координативен механизам по повод 24 Март, Светски ден на туберкулозата, кој Светската здравствена организација оваа година го одбележува под мотото „Запрете ја туберкулозата во мојот животен век“.
Таа посочи дека вакцината е заштитна мерка за детската туберкулоза во околу 80 отсто до случаите, што значи, како што рече, 20 проценти од вакцинираните деца можат да заболат. Заболуваат, појасни Илиевска Поповска, оние деца кои имаат слаб имунитет и кои во семејството живеат со некој постар кој е заболен од туберкулоза.
– Во Македонија се применуваат најновите стандарди за дијагностицирање, лекување и превенирање на туберкулозата според препораките на СЗО и други светски институции кои се инкорпорирани во Националната програма за контрола на туберкулозата. Минатата година е намален и бројот на луѓето кои повторно се раболуваат од туберкулоза и нивниот број првпат се симнува под 10 проценти за разлика од претходните години, рече Илиевска Поповска.
Потенцира дека значително е подобрена бактериолошката потврденост на болните, што е важен момент бидејќи е фактор кој овозможува адекватно лекување на овие болни.
– Во последната година бројот на болни од туберкулоза кај вулнерабилните групи бележи тренд на намалување. Минатата година во затворите е откриен само еден случај, во психијатриските болници три случаи, а кај ромската популација се бележи намалување на бројот на болни. Во последните четири пет години не е регистриран случај кој истовремено има ХИВ инфекција и туберкулоза. Од 2000 година до денес во Македонија се регистрирани пет вакви случаи, истакна Илиевска Поповска.
Бројот на резистентни слоеви на туберкулозни бактерии може да биде варијабилен, така што, укажа таа, минатата година бележиме лесно зголемување во однос на 2011 година, што е очекувано. Истакна дека бројот резистентни слоеви изнесува 16 од кои само четири случаи се со мултирезистентна форма на туберкулоза.
– Лекувањето за сите болни е бесплатно, лекови има за сите случаи на туберкулоза. Пред еден месец првпат во Македонија воведен е брз дијагностички тест базиран на молекуларна дијагностика на туберкулозните бактерии кој овозможува дијагноза поставена во тек на 24 часа и многу брза детекција на резистентните слоеви на туберкулозни бактерии. Воведен е и нов тест познат како Квантиферон тест кој ја открива туберкулозната инфекција, со што се овозможува брза и точна дијагностика на овие лица и нивно соодветно лекување, рече Илиевска Поповска.
Таа додаде дека од пред неколку дена почна да се користи новиот флуоробус, подвижен рендген апарат наменет за откривање на болеста во поран стадиум кај ризичните групи во затвори, психијатриски болници, бездомници, ромска популација итн.
Јованка Костовска од Министерството за здравство рече дека во рамки на активностите за спречување на појава и ширење на туберкулозата, за 2013 година Програмата е во висина од шест милиони денари. Главните активности, посочи таа, се изнаоѓање случаи со активна туберкулоза со радиофотографско снимање.
– Со флуоробусот ќе се оди кај ризична популација. Се планира околу 2.300 лица да подлежат на радиофотографско снимање. Планирано е Институтот за белодробни заболувања низ Македонија да направи 16 посети во останатите здравствени установи кои се занимаваат со оваа проблематика и да утврди како тие ја спроведуваат нивната активност. Најголем дел од средствата од Програмата се наменети за обезбедување лекови за бесплатно лекување на заболените, додаде Костовска.
Данче Гудева Никовска од Проектната единица на Грантот за туберкулоза од Глобалниот фонд при Министерството за здравство истакна дека почната е реконструкција на едно Одделение кое треба да ги згрижува оние пациенти со мултирезистентна туберкулоза кои заради природата на болеста, бараат специфични услови (потребна е соодветна вентилација со негативен притисок).
Таа посочи дека ќе се направи и надградба на Националната референтна лабораторија за туберкулозата заради новите дијагностички тестови и апарати кои се користат за дијагностика.
– Се врши едукација на здравствените работници и сите кои се вклучени во лекување и грижа на тие пациенти. Двесте и педесет пациенти секоја година добиваат помош во храна и хигиенско пакети во тие четири месеци на континуирана фаза на лекување. Минатата година во соработка со невладиниот сектор над 7.000 претставници на тие високо ризични групи се опфатени со некакви едукативни активности за туберкулоза, додаде Гудева Никовска.
Во 2011 година во светот се откриени 8,7 милиони нови случаи со туберкулоза, а истата година од болеста починале 1,4 милиони од кои 70.000 се деца.