Светскиот ден на туберкулозата се одбележува на 24-ти март, со цел подигнување на јавната свест за застрашувачките здравствени, социјални и економски последици од туберкулозата и за зголемување на напорите да се стави крај на глобалната епидемија на туберкулоза.
На 24 март, во 1882 година д-р Роберт Кох објавил дека ја открил бактеријата која предизвикува туберкулоза со што се отворил патот кон дијагностицирање и лекување на оваа болест. И покрај значителниот напредок, во текот на последните децении, ТБ продолжува да биде една од водечките причини за смрт меѓу заразните заболувања, со околу 4.100 смртни случаи и со околу 30 илјади новозаболени секојдневно. Светската здравствена организација, минатата година, објави дека 10 милиони луѓе се заболени од туберкулоза и дека во 2020 година имало 1,5 милиони смртни случаи што ја прави најголем инфективен убиец по КОВИД инфекцијата во светот. Над 95% од смртните случаи на ТБ се во земјите со низок и среден приход.
Мотото на СЗО оваа година е ,, Инвестирај во крајот на ТБ. Спасувај животи“. Со подобрување на превентивната програма навремено ќе се откријат новите случаи и ќе се затвори ланецот на пренесување на туберкулозата. Ковид пандемијата повеќе не е пречка да се реализираат сите потребни мерки за превенција на ТБ.
Во 2021 година во Република Македонија рeгистрирана е преваленца на активна туберкулоза од 10.2 на 100 илјади жители или 146 случаи, од кои 129 се новозаболени, а 14 релапси. Во континуитет имаме постојано намалување на вкупниот број болни од туберкулоза за анализираниот период 2010-2021година и стапката на преваленца, покажува тренд на постојано опаѓање.
Во 2021 година е рeгистрирана инциденца на активна туберкулоза од 7.05 на 100 илјади жители или 129 новозаболени лица. Во анализираниот период 2010-2021 година, стапката на инциденца, исто како и стапката на преваленца, покажува тренд на опаѓање. Македонија се вбројува во земјите со ниска стапка на инциденца од земјите во европскиот регион.
Светскиот ден за борба против туберкулозата е можност да се крене гласот во повикот за брза акција, која треба да доведе до крај на туберкулозата, посебно во време на актуелна коронавирусна пандемија.
Мерки за превенција
Сите форми на ТБ се лекуваат доколку навреме се дијагностицираат и третираат. Третманот вклучува земање комбинација на лекови за шест и повеќе месеци, бидејќи некои туберкулозни бактерии се природно отпорни на еден или повеќе лекови што се препишани.
Со цел што поуспешна контрола и лекување на туберкулозата во Република Македонија, намалување на ризикот од ширење на инфекцијата, особено онаа предизвикана од резистентни соеви на Mycobacterium tuberculosis, спречување на коинфекција меѓу туберкулозата со ХИВ инфекцијата, неопходно е да се преземат сите расположиви превентивни мерки кои придонесуваат за рано откривање и спречување на болеста.
- Активно пронаоѓање на случаи на туберкулоза кај ризични групи со селективна радиофотографија (психијатриски болници, затвори). Радиографски снимки кај ризични групи во кои спаѓаат: болни во психијатриски болници, затвореници во КПУ во Република Македонија, привремено раселени лица, зависници од дроги, мигранти и сл. Со цел рано откривање на болните од туберкулоза и други неспецифични белодробни заболувања се врши селективно радиофотографско снимање на лица кај кои постои поголема опасност од заболување од туберкулоза.
2. Непосредна контрола на лекувањето и следење на болните со туберкулоза, како и здравствено воспитување преку разговор со болните и нивните семејства во домот на болниот.Спречување на ширење на туберкулозата, преку лекување на новооткриените случаи на туберкулоза според стандардни режими на лекување препорачани од Светската здравствена организација.
3.Значителен придонес кон унапредување на грижата и третманот на ранливите категории како што се лицата со Хепатитис Ц или лицата со ХИВ/СИДА, како и навремена дијагноза и ран третман, се мерки и активности со кои сериозно се намалува можноста за натамошно пренесување на ХИВ вирусот.
4. Водење здрав начин на живот, е една од мерките која го намалува ризикот од ТБ. Луѓето кои се во лоша здравствена состојба се со поголем ризик, бидејќи нивната отпорност на болест е помала отколку кај здравите луѓе. Затоа од голема важност е да се консумира здрава храна, која вклучува многу зеленчук и овошје, месо со помалку маснотии, избегнување преработена храна и шеќери.
Физичката активност е од големо значење. Избегнување лоши навики како што се: внес на алкохол,тутун и дроги. Одржување лична хигиена, повеќе време на чист воздух, планина и сл.
Најдобра превентивна мерка е правилно и навремено лекување на секој болен од туберкулоза со што се прекинува ланецот на ширење на инфекцијата.