Заменик министерот за здравство, д-р Владимир Рендевски, со претставникот на амбасадата на Република С. Македонија во Р. Србија Михаела Велинов го посетија новиот Клинички центар во Србија.
Посетата е организирана во рамки на Првата светска конференција за Ковид-19, за запознавање со организацијата на работата и поставеноста на Ургентниот центар со одделите за интензивното одделение и операциските сали, стационарниот оддел, а се со цел стекнување искуства за изградба на нашиот клинички центар и урнек за останатите болници кои ќе се градат во РС Македонија.
Проф. д-р Јовица Милановиќ, заменик-директор на КЦС, рече дека ги кажале нивните искуства при градењето на новиот КЦС и изрази надеж дека во рамки на иницијативата Отворен Балкан ќе биде продлабочена и стручната соработка помеѓу двете земји. Проф. д-р Марко Ерцеговац, директор на Ургентниот центар во КЦС, истакна дека се работи за најсовремен начин на работа на ургентната медицина, копиран од најмодерните центри во светот.
Посетата беше искористена и за доделување на 13 Ноемвриската награда на град Скопје на проф. д-р Владимир Башчаревиќ од Клиниката за неврохирургија во КЦС, кој заедно со медицинскиот тим на Клиниката за неврохирургија и неврологија во Скопје, во изминатата година беше проктор со чија помош беа направени пет операции на вагуснервс стимулација кај пациенти со рефрактерна епилепсија.