Министерството за здравство на Република Македонија информира дека со цел уште подобра имплементација на системот за Плаќање по учинок, и врз основа на разговорите во Владата на Република Македонија помеѓу Претседателот на Владата на Република Македонија и Министерот за здравство на Република Македонија со претставници на синдикатите на лекарите, до директорите на јавните здравствени установи (ЈЗУ) е доставен бодовникот со тежинските коефициенти што се користи за медицинските интервенции и процедури во Соединетите Американски Држави (САД). Целта е да се спореди бодовникот што се користи во САД со интервецниите и тежинските коефицинети што ЈЗУ сами ги имаа дефинирано во врска со користењето на системот за Плаќање по учинок.
Договорено е евентуалните коментари и забелешки во однос на тежинските коефициенти и интервенции од САД и нивната примена во нашите ЈЗУ да бидат доставени до Министерството за здравство во следниот период. По тој период, се очекува прилагодување на тежинските коеефициенти и интервенции од страна на самите ЈЗУ согласно бодовникот од САД.
На овој начин веруваме дека врз основа на еден светски објективен и кредибилен систем за вреднување на трудот на лекарите, ќе овозможиме дополнително унапредување на вреднувањето на лекарите во Република Македонија преку системот за Плаќање по учинок.
Потенцираме дека остануваме посветени на новите стандарди што ги воведуваме во здравствениот систем, кои почиваат на принципите на квалитет, непристрасност и чесност, и кои во својот фокус и за своја главна цел ги имаат пациентите, за кои и постои здравствениот систем.