ФИЛИПЧЕ: ЗДРАВСТВОТО ОДЛИЧНО СЕ СПРАВИ СО ПАНДЕМИЈАТА

Во вечерашното интервју на телевизија Алсат М, Министерот за здравство Доц. д-р. Венко Филипче зборувајќи за состојбата со коронавирусот оцени дека здравствениот систем и здравствените работници одлично се справија со пандемијата.

„Нашите здравствени работници одговорија многу брзо и на највисоко експертско- стручно ниво. И во однос на раната детекција и превенцијата и во однос на оној клинички дел, односно третманот на пациентите. Ние бевме меѓу првите земји коишто ставија термални камери за детекција на аеродромите , меѓу земјите коишто сметам дека направија одлична стратегија во однос на дијагностицирање, начин на пристап, анализа на пациентите и идентификувањето на нивните контакти како и третманот на пациентите. И сето тоа во рамките на капацитетите на нашиот здравствен систем“ – рече Филипче.

Филипче ги посочи сликите од Италија и некои делови во Шпанија каде што немаше место каде да се сместат пациентите и потенцираше дека тоа кај нас не се случи и во ниту еден момент не дозволивме да се преполнат болниците.

„Во ниту еден момент на Инфективната клиника како централна јавно-здравствена установа кај што се сместуваат овие пациенти, капацитетот не беше пополнет повеќе од 60-65 проценти. Во ГОБ „8 септември“, никогаш повеќе од 5 проценти“ – изјави Филипче.

Министерот заклучи дека улогата на епидемиолозите, од аспект на превенција, раната детекција и дијагнозата и улогата на клиничарите- инфектолозите, интернистите коишто им помагаа во однос на третманот на  пациентите дадоа одлични резултати во менаџирање на кризата.

Сподели на:

Related Posts