Министерот за здравство, Венко Филипче денеска учествуваше на свечено отворање на шестата Регионална европска конференција за безбедни заедници, на тема „Остварување на целите на одржливиот развој – кон заедница без насилство“, што се одржува од 3 до 5 октомври 2018 во Скопје. Конференцијата е со цел изнаоѓање нови идеи и искуства за решавање на овој актуелен јавно-здравствен проблем и светот да се направи побезбеден.
Во своето обраќање, министерот Филипче истакна дека Македонија како земја членка на Обединетите Нации е обврзана да работи во насока на исполнување на целите на одржлив развој и да промовира безбедни заедници. До 2030 година треба да се елиминира секоја форма на насилство врз: децата, врз жените и девојчињата, родово-базираната, како и промоција на мирољубиви и инклузивни општества за одржлив развој, пристап до правда за сите и изградба на ефикасни, одговорни и инклузивни институции на сите нивоа.
„Подигнувањето на јавната свест и градењето на капацитети на сите нивоа е висок приоритет на Министерство за здравство, но и Владата на Република Македонија. Донесени се национални политики за превенција и спречување на сите форми на семејно насилство и насилство врз децата.
Како Министер за здравство, но и како здравствен работник, повикувам на кревање на јавната свест и препознавање на знаците на насилство и обезбедување на соодветна здравствена заштита. Нужно е подобрување на експертизата преку обуки и модули на здравствените работници со цел давање на соодветен одговор на жртвите. Државата мора да обезбеди механизми за исполнување на човековите права, а правдата мора да биде задоволена во секој детектиран случај. Потребно е навремено откривање и пријавување, како и постапување по потенцијалните случаи на насилство“, посочи министерот Филипче.
Главна тема на Конференцијата е контрола и превенција на насилство, а ќе се обработуваат и поголем број теми, во однос на: насилство поврзано со повреди – сите видови, како што се: семејно насилство, насилство врз деца, насилство кај млади, родово засновано насилство, злоупотреба на стари лица и други ранливи групи, насилство поврзано со алкохол, насилство на работно место, насилство врз себеси, колективно насилство, безбедност и ненасилство во сите политики.
Учество на Конференцијата имаше и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска која информираше дека Македонија прави чекори во превенција во насилството, но се уште сме далеку од тоа да кажеме дека сме обезбедиле безбедни заедници.
„МТСП итно спроведе ратификација на Истанбулската конвенција, но хартијата нема да не заштити, тоа треба да го направат институциите. Наша обврска е да овозможиме безбедни заедници за раст и развој за секој, почнувајќи од најмалите членови на општеството. Тоа е основната цел на нашата целокупна реформа на системот на социјална заштита. Градиме општество во кое навистина никој нема да биде изоставен“, рече министерката Царовска.
На конференцијата ќе бидат презентирани и повеќе теми, во однос на: заштита на човековите права, култура за безбедност и управување со ризик, безбедна заедница, докази за политики, податоци и статистика, политики за превенција на насилство и промоција на безбедност, безбедност на деца и адолесценти, безбедност во домот, безбедност во училишта и безбедност при работа.
Домаќин на шестата Европска конференција за безбедни заедници е Институтот за јавно здравје на Република Македонија, како Центар за поддршка на безбедни заедници и Медицинскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во соработка со Министерството за здравство и Европската мрежа на безбедни заедници (European Safe Community Network – ESCON), како и со поддршка од: Mинистерство за труд и социјална политика, Македонско лекарско друштво, Специјалистичко здружение на доктори специјалисти по социјална медицина и организација на здравствена дејност при МЛД, Лекарска комора на Македонија, УНИЦЕФ, Здравствена мрежа на Југоисточна Европа, СЗО Колаборативен центар–Институт за медицина на труд, УНФПА, Универзитетска клиника за психијатрија Скопје, ХЕРА, Асоцијација на доктори со интердисциплинарен пристап за деца со посебни потреби, Совет за превенција на јувенилна деликвенција, ММСА-Македонска медицинска студентска асоцијација, ЕМСА-Европска медицинска студентска асоцијација, и други партнери.
На Конференцијата се поканети над 100 учесници од земјата, Европа и светот. Во следните три дена пленарни предавања ќе одржат еминентни експерти и професори од областа и се пријавени 72 трудa од 24 држави од сите пет континенти.
Повеќе информации за конференцијата и програмата можете да најдете на следната веб страна http://escon2018.skopje.iph.mk/index.php/program