ПРОДОЛЖУВААТ ТЕСТИРАЊАТА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ ПРИВАТНИ СПЕЦИЈАЛИЗАНТИ

Продолжува тестирањето на кандидатите пријавени  на јавните огласи за вработување приватни специјализанти. Минатата недела се одржа тестирање во Скопје. На Медицинскиот факултет во Тетово се одржа тестирање на 57 кандидати пријавени за болниците во Тетово и Гостивар.

За Клиничка болница во Тетово се пријавени 43 кандидати за вкупно 28 места, а за болницата во Гостивар се 14 пријавени кандидати за 13 места.

-Посебно ме радува што со овие огласи опфативме повеќе дефицитарни специјалности, меѓу кои радиологија, гинекологија, педијатрија, имајќи предвид дека зајакнувањето на дефицитарните специјалности е еден од нашите примарни приоритети. Исто така, опфатени се и други специјалности, како што се гастроентерохепатологија, интерна медицина, општа хирургија, ортопедија, неврологија, биохемија и други, истакна министерот Таравари.

Неделава се одржуваат тестирања и во Штип (каде ќе бидат опфатени и Велес, Пробиштип, Кочани), како и во Битола (заедно со Прилеп и Крушево).

За кандидатите за кои веќе е спроведено тестирање, се одржува устен испит, по што се изготвуваат ранг листите и ќе бидат донесени одлуките за избор.

Со ова решаваме уште еден долгогодишен проблем во здравството од суштинска природа, како за пациентите, така и за функционирањето на целиот здравствен систем. Со оваа мерка, која е од егзистенцијално значење за младите доктори ги поттикнуваме да останат во државата и да придонесат со своето знаење и експертиза за унапредување на јавното здравство.

Ова е првпат во историјата на државата, истовремено да се вработат неколку стотини доктори, кои веќе се на специјализација, што значи за кратко време добиваме едуциран и специјализиран кадар во многу области на медицината.

Продолжуваме со инвестиции во кадар, инфраструктура и опрема, со цел што подостапна здравствена услуга за граѓаните од сите региони.

Сподели на:

Related Posts