Светскиот ден за кревање на свеста за лимфом, традиционално, се одбележува на 15 септември. Кон одбележувањето на овој ден се приклучува и Универзитетската клиника за хематологија со апел до населението за сериозноста на лимфомот како заболување и важноста од негова рана детекција и навремено лекување, што е возможно само преку заедничка соработка на пациентите и лекарите.
Од почетокот на пандемијата, забележано е континуирано опаѓање на бројот на новодијагностицирани пациенти со лимфом, што за жал се должи на ненавременото посетување на матичните лекари, со што се пролонгира раното дијагностицирање, кое е од огромна важност кај малигните заболувања.
За таа цел, Клиниката за хематологија во Скопје, отвори електронската амбуланта, со која се поедноставува комуникацијата помеѓу матичните лекари и хематолозите.
Министерството за здравство и покрај сите предизвици кои ги носи пандемијата со Ковид 19, се залага за рано и навремено откривање на ова заболување, како и достапност на современа терапија на Универзитетската клиника за хематологија, со која се обезбедува навремено и соодветно лекување со што им се овозможува на граѓаните со ова заболување да добијат шанса за долг и квалитетен живот.