СПОРЕД КОМИСИЈАТА ЗА ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА – НЕМА ДИСКРИМИНАЦИЈА СО МЕРКАТА ЗА ЗАБРАНА ЗА ЗАПИШУВАЊЕ И ПРИЕМ НА ДЕЦА КОИ НЕ СЕ ВАКЦИНИРАНИ СО МРП ВАКЦИНАТА

Министерството за здравство ја информира јавноста дека Комисијата за заштита од дискриминација утврди – нема дискриминација со мерката за забрана за запишување и прием на деца кои не се вакцинирани со МРП вакцината, откако било доставено мислење во однос на претставки добиени од граѓани, како и јавно искажани ставови во врска со постоење на наводна дискриминација кон децата кои не се вакцинирани од МРП вакцината, а во контекст на нивното запишување во предучилишни установи и училишта.

Мислењето од Комисија за заштита од дискриминација е дека не постои дискриминација од страна на органите на управата и градинките со мерката за забрана на запишување и прием на деца кои не се вакцинирани со МРП вакцината и задолжителноста од вакцинирање на децата на училишна возраст.

Во мислењето од оваа институција е наведено дека се земени во предвид наводите во индивидуалните претставки на граѓаните, одговорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, записниците на Комисијата за заразни болести, Уставот, Законот за спречување и заштита од дискриминација, Европската конвенција за заштита на човекови права и основни слободи, Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, Конвенцијата за правата на детето како и Општиот коментар на Комитетот за правата на детето бр.7 (2005).

Комисијата смета дека не постои дискриминација бидејќи мерката има легитимна цел, согласно член 5, точка 8 од Законот за спречување и заштита од дискриминација и дека таа не е спротивна на Уставот и на одредбите на меѓународните договори, соодветствува на реалните потреби со оглед дека е прогласена епидемија и е загрозен животот и здравјето на детето, животот и здравјето на другите деца кои се во контакт со детето во училиште или градинка, како и во функција на јавното здравство, односно заштита на здравјето на сите деца кои би биле во контакт со невакцинирано дете.

Министерството за здравство уште еднаш потсетува дека вакцинацијата е најефикасна превентивна мерка за заштита на населението од заразни заболувања, а воедно за зачувување и одржување на колективниот имунитет.

Сподели на:

Related Posts