Кардиолозите советуваат дека срцевите заболувања го зголемуваат ризикот при пандемија на КОВИД 19 и токму навремените информации и препораките се силно оружје за срцевите болни, кои треба да се запознаени дека имаат зголемен ризик за да можат да се заштитат и да го намалат тој ризик од инфекција на дишните патишта со новиот коронавирус. Од тоа што досега се знае, поголемиот број инфицирани, односно кај 80 проценти, инфекцијата ќе помине како лесно заболување со лекување во домашни услови. Кај останатите 20-тина проценти ќе биде неоходно хоспитализирање поради пневмонија и кај два до пет проценти ќе биде потребно интензивно лекување и асистирана вентилација.
Практични кардиолошки препораки:
– Доколку кардиолошки болен се сомнева дека е заболен и ги има следните симптоми: покачена телесна температура, кашлање, тешко дишење, главоболка или болка во грлото, општа премаленост, потребно е телефонски да се јави кај својот матичен лекар, притоа да ги наведе сите досегашни кардиоваскуларни дијагнози, лекувања и престој во кардиолошка болница, да ги наведе сите лекови кои ги користи, за да овозможи подобра проценка од матичниот лекар за натамошно постапување. Потребно е препораката од матичниот лекар да се почитува во целост.
– Доколку кардиолошки болен има симптоми од типот на силна остра градна болка, која трае повеќе од пет минути и не се смирува со земање на досегашните лекови, потребно е веднаш да се консултира со матичниот лекар кој ќе го упати како понатаму да постапи.
– Повеќето пациенти нема да имаат тешка клиничка слика, дури и да имаат КОВИД 19, но редовното користење на лековите и запознавањето на медицинскиот персонал, кој се грижи за болниот со досегашните лекови е од исклучителна важност.
– Секој пациент кој се лекува поради покачен крвен притисок, потребно е да го следи притисокот со самомерење и запишување на измерената вредност, и по телефон да се консултира со својот матичен лекар, доколку притисокот надминува 150/100 и да се зголеми дозата од лековите, кои дотогаш редовно се користеле, а доколку и покрај тоа притисокот не се регулира консултирајте се за преглед во ординација.
– Стресот и стравот од неизвесноста во овие вондредни услови, како и постоењето штетни навики можат да влијаат врз крвниот притисок. Во некои случаи, добар човечки и лекарски совет за здрава храна и здрави навики, можат да смират дел од вознемиреноста и да ја ублажат состојбата во која сите се наоѓаме.
– Пациентите кои имаат долготрајна, хронична терапија заради ангина пекторис или корорнарна артериска болест, треба да продолжат со земање на лековите, без разлика дали имаат сиптоми на инфекција или не. Повеќето пациенти нема да имаат тешка клиничка слика дури и да имаат КОВИД 19, но неопходно е редовното користење на лековите и давање точна и детална информација на медицинскиот персонал за досегашната терапија.
– Земањето на лековите и почитувањето на досегашните препораки од лекарот можат да го намалат ризикот од комппликации при оваа стресна вонредна состојба, како и ризикот од белодробна инфекција. Кај пациентите каде е направена реваскуларизација, на пример, доколку имаат стент или бај пас постои ризик од компликации при вирусна инфекција на дишните патишта. Стентирањето или бај пасот значително го намалува тој ризик, доколку пациентот дотогаш се чувствувал добро. Важно е редовно земање на лековите и да ги запознае лекарите кои се грижат за него со дотогашните состојби.
– Терапијата со статини кај кардиоваскуларните болни е неоходно да се продолжи во препорачаната доза за да се спречи и стабилизира коронарната и васкуларната болест. Постојат докази дека земањето статини ги намалува ризиците за кардиоваскуларни компликации поврзани со КОВИД 19 кај срцеви болни кај кои се развила вирусната инфекција. Статините делуваат имуностабилизирачки и го стабилизираат внатрешниот слој на крвните садови, а поради тоа влијаат врз превенција на кардиоваскуларните настани.
– Кардиолозите препорачуваат да се одложи секој претходно закажан преглед за коронарен стрес-тест, ехо на срцето, холтер, коронарографија, техничка контрола на импантиран пејс-мејкер или друга направа, поради заштита на пациентите и спречување на ширење на инфекцијата со коронавирусот. Потребно е да се одложи секој тест или процедура или консултација што нема директно да влијае врз кардиолошката состојба.
– Не се препорачува хоспитално лекување и коронарографија кај пациенти без акутно срцево страдање со кардио-ризик, кој го надминува ризикот од инфекција во време на пандемија.
– Пациентите кои имаат силни потешкотии и градни болки, како и силно срцево чукање, потребно е да се јават со досегашните ЕКГ и резултати од тестови и со досегашните медицински документи за консултација кај својот матичен лекар, со цел да се процени неопходноста од натамошно постапување.
Секој кардио-пациент треба да дојде со маска, со најмногу еден роднина во придружба, кој исто така треба да носи маска. Заштитната хируршка маска на лицето спречува и ја штити околината на пациентите дојдени на преглед од ширење на евентуална инфекција. Носењето на вашата маска при преглед, го заштитува медицинскиот персонал кој треба да ви помогне за вашата срцева мака. Носењето заштитна маска при преглед е во насока на препораките на Светската здравствена организација.