Министерството за здравство продолжува со инвестицискиот циклус во здравствена инфраструктура, во рамки на кој значителен број проекти се комплетно реализирани, започнати и во тек на реализација, а одреден број проекти ќе почнеме да ги реализираме во претстојниот период. Овие инвестиции се од особено значење имајќи предвид дека целокупниот квалитет на еден здравствен систем во голема мера зависи од квалитетот на инфраструктурата.
Денеска сакаме да Ве информираме за почетокот на еден крупен инфраструктурен проект, а тоа е комплетната реконструкција на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“ во Охрид, за која веќе е објавен тендерот за градежни работи. Во средина на октомври ќе почнат градежните работи и очекуваме реконструкцијата да биде комплетно завршена во рок од 18 месеци, односно некаде до април 2017 година.
Станува збор за вкупна инвестиција вредна 215 милиони денари. Проектот опфаќа реновирање и адаптација на постојниот објект на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија Охрид Св. Еразмо – Охрид, а вклучувајки ги и потребите на Заводот за кардиоваскуларни заболувања во Охрид.
Целта е со оваа реконструкција да овозможиме сериозно унапредување на стандардите и условите за работа, како и зголемување на капацитетите за дијагноза и третман на пациентите.
Инаку, оваа болница датира некаде од 1950 година (кога функционирала во бараки), потоа во 70тите години бил изграден објект од поцврста градба, а веќе во 90тите години била изградена карабината врз основа на која во претстојниот период ќе се гради нова, најсовремена болница.
Комплетната реконструкција ќе опфати површина од вкупно 5.623 метри квадратни, кои ја даваат функционалната целина на објектот (2.191 метар квадратен на приземјето, 2.061 метар квадратен на прв кат, 1.370 метри квадратни на втор кат).
Инаку, првата фаза од проектот опфаќа доградба на централната-стара болничка зграда и карабината. Предвидено е да се реновираат и реорганизираат амбулантите, лабораторијата, стерилизацијата, и другите дијагностичките содржини. Ќе бидат комплетно реновирани операционите сали со интензивната нега, како и болничките оддели со оформување тоалети во секоја соба.
Исто така, со доградбата на централната-стара болничка зграда, предвидено е во карабината да се имплементираат содржините кои се потребни на Заводот за кардиоваскуларни заболувања, и тоа:
– Адултна кардиологија со амбуланти, дијагностика и дневна болница
– Интервентна кардиологија со интензивна и полуинтензивна нега (која содржи оперативен блок со операциона сала за пејс-мејкер, ангиографска сала, сала за радиофреквентна аблација), како и простории за персонал
Како што знаете, стапката на кардиоваскуларни заболувања во изминатиот период е во пораст во глобални рамки и претставува водечка причина за смртност кај населението, така што од исклучително значење е да се унапредат условите за пружање третман кој е од животоспасувачки карактер.
Значајна карактеристика е што овој објект се наоѓа во еколошки чиста и незагадена средина, што дополнително го подигнува целокупниот квалитет на престојот во установата, така што со завршувањето на реконструкцијата очекуваме значително подигнување на квалитетот на здравствените услуги во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“, како и во Заводот за кардиоваскуларни заболувања.