Скопје, 1 август 2013 – Мајките во Македонија традиционално сакаат да дојат. Доењето има огромно значење за унапредување на здравјето на децата, и носи значаен социјален и економски бенефит за семејствата и општеството. Во Македонија, според податоците добиени од истражувањето на УНИЦЕФ во 2012 година, 90 отсто од децата биле доени во одреден период, 41 отсто од мајките дојат предоминантно, што значи додаваат и други течности (вода, чај, сок), додека ексклузивното доење е застапено кај 23 отсто од мајките.
Ова денеска на прес-конференција го истакна претседателката на Комитетот за поддршка и промоција на доењето при Министерството за здравство, Бранкица Младеновиќ по повод Светската недела на доењето која се одбележува од денеска до 7 август, а годинава под мотото „Поддршка на доењето -поблиску до мајките“. Мотото, посочи таа, има цел да ја поттикне поддршката на мајките за доење.
– Препораките на Светската здравствена организација се дека бенефитот од доењето е најголем тогаш кога тоа е ексклузивно во првите шест месеци од животот, а понатаму тоа би требало да трае до втората година од животот паралелно со воведување други видови храна. Во Холандија стапката на ексклузивно доење е 27 отсто, во Италија е 37,8 отсто итн., рече Младеновиќ.
Македонија ги има имплементирано сите препораки на СЗО, а тоа се формирање на Комитетот за поддршка и промоција на доењето, направена е ревизија на постоечката легислатива во насока на имплементирање на кодот за забрана за рекламирање на супституентите на мајчиното млеко, а континуирано се спроведуваат и обуки на здравствените работници за советување за доење и се изготвуваат информативни материјали за мајките за доење.
– Комитетот изготви и двегодишен Акциски план кој ќе се фокусира на оние активности кои сметаме дека се приоритетни, а сите се со цел да им се даде на мајките потребната и навремената поддршка тогаш кога им е најмногу потребно.
Директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, Марија Хаџи Лега истакна дека дека таа здравствена установа како најголемо родилиште во земјата во која годишно се раѓаат околу 6.000 новороденчиња, интензивно работи на промовирање и подигнување на свесноста кај мајките за бенефитот од доењето, како по здравјето на мајката, така и по здравјето на новороденчињата.
– Овие промоции и оваа едукација Клиниката ги остварува на неколку нивоа. Почнува уште во периодот пред породувањето, а во рамки на психофизичката подготовка на трудниците после 28 гестациска недела. Едукацијата се врши од страна на едуциран тим од искусни акушерки, лекари педијатри, анестезиолози и гинеколози акушери кои работат на едуцирање и подготвување на мајката за чинот на породување и одгледување на детето по породувањето.
Таа посочи дека медицинските сестри и акушерки и лекарите кои учествуваат во чинот на породувањето на родилките прават максимални напори уште во првите два часа после породувањето да се направи обид за прв подој, а кој е од мошне големо значење за воспоставување успешна лактација кај идните мајки.
– Понатаму продолжува едукацијата на родилката и на Одделението каде се згрижени породените мајки каде тимот од акушерки, социјален работник, психолог, доктор гинеколог акушер, интензивно учествува во запознавање на мајките со техниките на доење. Околу 70 отсто од мајките излегуваат од болницата со веќе совладани техники на доење и добиени совети за тоа како можат да се справат со кризите кои можат да настанат во периодот на лактација, а кои понатаму се решаваат со патронажните служби и со педијатрите кои работат во Здравствен дом-Скопје, додаде Хаџи Лега.
Директорката на Здравствен дом-Скопје, Тања Баевска Вучковиќ рече дека изработиле брошури за важноста, предноста и бенефитот на доењето за најмалите, пред се со најголемо значење за првите шест месеци од животот.
– Материјалот кој е изработен освен во родилиштата ќе биде проследен и преку патронажните служби кои први имаат контакт со родилките по доаѓањето дома, а ќе биде дистрибуиран и по советувалиштата кои се одговорни за следењето на растот и развојот кај децата.
Претставникот на НВО „Лулка“, Денис Ал Кхалили информираше дека на 6 август во 18 часот на плоштадот кај Млечен ресторан организираат настан по повод обележување на Светската недела на доењето.