МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ: ПОСТАПУВАМЕ СОГЛАСНО НАСОКИТЕ ОД СЗО, ЦЕЛОСНО СМЕ ПОДГОТВЕНИ ДА СЕ СПРАВИМЕ СО КОРОНА ВИРУСОТ, ИАКО СМЕ ДАЛЕКУ ОД ТОЈ РИЗИК

Министерот за здравство, д-р Венко Филипче, денеска, одржа работен состанок со Комисијата за заразни болести по прогласувањето јавноздравствена состојба од меѓународен ризик за коронавирусот од Светската здравствена организација. На средбата присуствуваше и Џихан Тавила, шеф на Канцеларијата на СЗО во Скопје и од нејзина страна беше посочено дека нашата држава веќе постапува според насоките на СЗО, согласно Меѓународниот здравствен правилник. 

-Тоа што денеска го направивме е подготовка за нешто што се уште немаме видлив и сериозен ризик дека тоа може да се случи кај нас, тоа се голем број заболени од коронавирусот, но го подготвивме целокупниот здравствен систем во однос на кадар, инфраструктура, опрема, како и за точно одредување на локациите коишто, евентуално, би биле потребни за хоспитализирање пациенти. Сакам да кажам дека сме чекор или два понапред и дека сме целосно подготвени да се справиме со овој предизвик, иако ќе повторам далеку сме од тој ризик.

Се уште важат сите мерки коишто се имплементираат. На аеродромот во Скопје ќе се дистрибуира информативен материјал и до другите влезни места, во полициските станици и на граничните премини. Во текот на денот ќе се организира состанок и со другите надлежни установи, Министерството за внатрешни работи, Царинската управа, Центарот за управување со кризи, со цел да ги информираме за нашите активности и тие да бидат во состојба на зголемена будност и потреба доколку треба да се интервенира, посочи министерот во изјавата за медиуми по завршување на средбата.

Шефот на Канцеларијата на СЗО, Џихан Тавила, посочи дека е задоволна од исходот на седницата на комисијата во однос на подготвеноста на земјата да одговори во случај на импортација на случаи со нов корона вирус.

-Министерството за здравство, како и другите надлежни институции се подготвени за брза детекција на таков случај. Имајќи предвид дека СЗО прогласи настан од меѓународно значење, ќе се зголеми и ризикот за импортација, ќе се зголеми будноста, како на нашата Канцеларија, така и на комисијата, ќе имаме дневни состаноци и напорите ќе бидат насочени, пред се на рана детекција на точките на случаи на влез, како и за едукација и обука на здравствените работници за постапки во случај на детекција. Се работи за нов вирус каде што сознанијата се менуваат од ден на ден и во тој контекст дневно се следи состојбата и затоа сме на одредено ниво на будност. Нема потреба од кревање паника, туку само примена на мерките за респираторна хигиена, што е иста за сите респираторни заболувања и доколку лицата не се чувствуваат добро, кашлаат, киваат, потребно е да се консултираат со својот доктор. Канцеларијата на Светска здравствена организација стои на располагање и за натамошна поддршка, пред се во областа на тренинг и подготвеност, бидејќи на сите други нивоа од тоа што го видов убедена сум дека земјата е подготвена да одговори во овој момент, посочи шефот на Канцеларијата на СЗО.

Сподели на:

Related Posts