Министерството за здравство распиша тендер за набавка на опрема за новиот Медицински симулациски центар во вредност од 37 милиони денари. Отворањето на понудите ќе се одржи на 16 септември, а се очекува опремата да пристигне до крајот на годинава.
Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција рече дека станува збор за набавка на еден лапароскопски симулатор и за симулатор на пациенти – еден адултен и еден педијатриски. Овие симулатори ќе се користат за стекнување на практични знаење на студентите, специјализантите и за продолжување на лиценцата на докторите.
Ова е со цел унапредување на вештините и знаењата на докторите на медицина, специјалистите и супспецијалистите, при што задолжително ќе се врши видеоснимање на сите ендоскопски и лапароскопски интервенции, роботска хирургија и сите други интервенции каде што опремата овозможува видеоснимање.
Симулаторите реагираат како вистински пациент и секоја постапка ќе се снима, при тоа ќе се овозможи да се корегираат грешките.- Исто така, во Медицински симулациски центар ќе бидат опфатени и хируршки интервенции кои вклучуваат хируршки методи кои се нови или методи кои не ги имаат совладано мнозинството специјалисти, односно супспецијалисти во здравствената установа, кои се вршат во здравствените установи во државата.
– Ваквите видеоснимки на интервенциите ќе се користат и за образовни цели на Медицинскиот факултет, како и за потребите на унапредување на вештините и знаењата на докторите на медицина, специјалистите и супспецијалистите во здравствените установи.
Медицинскиот симулациски центар има обврска да прави база на видеоснимки на интервенции.
Посебно значајно е што со овие симулатори ќе може реално да ги мерат вештините на докторите, а ќе се зголеми и квалитетот на здравствената заштита.